Кога мислиш дека не може полошо, доаѓа уште полошо, рече градоначалникот Касами за тетовскиот водовод за кој се потрошени милиони

0
18

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами не е оптимист дека новиот водоснабдителен систем ќе започне да работи нормално и без дефекти, како досега.

Касами пред медиумите кажа дека постојаните проблеми веќе го убедиле дека водоводот не може да биде во фунција.

Според него водоводните цефки немале соодветни димензии, целиот проект е реализиран без стандард и без технички прием. Сите овие пропусти како што рече, ќе ги испитува посебна комисија, која ќе оцени дали вреди да се санираат пропустите на водоводот, или пак ќе се бара ново алтернативно решение.

Или во превод, бадијала тетовци чекаа две децении да се изгради новиот водовод и се потрошија милионски суми пари за овој проект

-За жал тука во Тетово владее Марфиев закон. Кога мислиш дека не може полошо, доаѓа уште полошо. Според сите информации кои ги имав додека не стапнав на ова место, беше дека Тетово има проблем со губење на водата во мрежата. Во ниту еден случај не можев да поверувам дека водовод кој е сега изграден, а за кој се потрошени милионски суми не може да биде функционален. Пред да настанат дефектите, ме информираа дека има една критична точка каде треба да се интервенира. Ние интервениравме и потоа пак се појави нов дефект и пак нов и ова е четврти пат да интервенираме. Ние поправаме, а на друго место се појавува дефект, рече Касами

Тетовци веќе шест дена се соочуваат со рестрикции во водоснабдувањето, поради новиот дефект на водоснабдителниот систем кој зема вода од реките Лешничка и Пена. Дефектот  е лоциран на околу 13 километри од филтер станицата, во атарот на Шарпланинскот село Лисец. Вработените на ЈКП Тетово не можат да ја однесат опремата за санирање поради лизгавиот пат со наноси од снег, но и непристапноста со теренско возило на безмалку 2 километри од водоводната линија. Најавите се дека дотаму материјалот ќе се носи со коњи.

Новиот водоснабдителен систем за кој се потрошени милионски суми, на градот треба да му носи дополнителни 200 литри вода во секунда. Доколку не се доведе во функција, или ако се исклучи од употреба поради пропустите кои ги кажа Касами, тетовци и натаму со години ќе бидат жедни покрај Шара, која со вода го полни Мавровското езеро, а градските власти не успеаа со децении да им ја донесат водата на сопствените жители.

ММС