Комисијата за заразни болести од утре со нов состав

0
35

Комисијата за заразни болести утре ќе ја одржи првата седница во новиот состав. Министерот за здравство Сали не посочи колку членови ќе бидат дел од оваа комисија, но додаде дека повеќето експерти позитивно одговориле на поканата.

„Не постои протокол или начин како да му се обратиме некому за да ги повикаме заедно да се соочиме со пандемијата. Имаме позитивни одговори од многу експерти и наскоро, утре ќе ја имаме првата средба со новиот состав. Не е важен бројот, туку составот и квалитетот на кадарот кој е поканет. Не е период за дискусии, молби или други начини на покани. Сега е време да ги засукаме ракавите и да се соочиме со пандемијата“, рече Беким Сали, министер за здравство.

За епидемиолошката состојба Сали рече дека во моментов не се предвидуваат нови мерки, но не се предвидува укинување на потврдите за вакцинација како услов за посетување кафулиња и ресторани.

„Засега важат сите мерки кои беа претходно одредени во изминатиот период. Врз основа на епидемиолошката состојба што ја имаме сега, немаме намера да ги отстраниме потврдите за вакцинација како доказ за влез во кафулиња и ресторани бидејќи сè уште сме на врвот на четвртиот бран, а процентот на вакцинирани не е на потребното ниво“, додава Сали.

Последниве десетина дена имаше зголемување на бројот на заразени. Во моментов бројот на случаи е 13.628.