Македонско-бугарските односи мрднаа од „мртва точка“

0
87

САШО ОРДАНОСКИ

Во последните две-три години не бевме сведоци на продуктивни, а често ни цивилизирани средби помеѓу политичарите и дипломатите на Македонија и Бугарија. После секој состанок на некоја домашна, регионална или европска сцена следуваа официјални дообјаснувања, деманти на „вадењата од контекст“ или контранапади за тоа што било кажано, што сакало да се каже или што не било кажано, а требало да се каже, на тие високи државни нивоа и од двете страни. Бугарите, затекнати и вчудовидени од успешноста на Преспанскиот договор, наврат-нанос решија своерачно да ја блокираат европската иднина на Македонија (и Албанија) и главно се заплеткуваа со своите нејасни позиции и спорни „црвени линии“ пред евро-американските партнери, а македонските претставници ги бранеа своите принципиелни морално-политички позиции без вистински, делотворен ефект што би резултирал со напредок во наметнатиот спор со нашиот источен сосед.

Да парафразирам еден украински политичар со квалификациите за меѓународните, наспроти руските тактики во актуелната украинско-руска криза, додека ние игравме внимателен дипломатски шах со меѓународна координација, Бугарите играа домашен популистички покер во кој од ракавот го извадија и најсилниот адут, ветото. Со сите познати последици на домашните политички сцени и ѓурултијата во двете јавности.

По изборните расплети и во Бугарија и во Македонија и доаѓањето на две нови личности на чело на владите и во Софија и во Скопје, започнува нова, неизвесна, но понадежна фаза во односите меѓу двете земји. Несомнено, посетата на Петков на Македонија го потврдува ваквиот впечаток. Очигледна е искажаната желба и на бугарска и на македонска страна работите да мрднат „од мртва точка“.

Во таа насока, Македонија, правилно, официјално даде вербална нота до ООН дека нема да ја нападне и ослободи/окупира Бугарија и во скора и во неодредена иднина (да, верувале или не, тоа е суштината на нотата!), а Бугарите тоа го оценија, а потоа и го прославија, како конструктивен чекор од наша страна и голем успех за нив, бидејќи око не можеа да склопат од опасноста да бидат територијално освоени од Скопје.

Синоќа првпат спиев мирно, бидејќи вчера сфатив дека братскиот народ на Северна Македонија нема да ја нападне Бугарија со донираните тенкови (своевремено од Бугарија – н.з.) и нема да има територијални претензии. Нема да ни го земат Банско“ – изјави Бојко Борисов иронично, коментирајќи го гестот на Македонската влада како дипломатска стапица во која наивно упаднал Петков во Скопје наместо… Следуваа некакви политикантски дополнувања од Борисов, кој го урна Договорот за добрососедство што самиот го потпиша, чија смисла не може сосема да се сфати.

Во македонската јавност, пак, се појавија загрижени експертско-политички коментари дека сме направиле „празна“ отстапка, дека се работи за бугарска дипломатска стапица во која наивно упаднал Ковачевски, без ништо да добиеме за возврат. А сме требало да продолжиме да се ценкаме и пазариме, сѐ додека не ги умориме Бугарите и не ги натераме на предавање. Стратегијата што до сега ја практикувавме.

Добро, разни, макар и добронамерни губитници и во двете држави имаат право да се лутат и да бидат незадоволни (продолжените хистерии на радикалните националшовинисти не се ни за коментирање), бидејќи, де факто, работите по посетата на Петков во Скопје се придвижија: историјата, главниот камен на сопнување, е турната во „втор план“ (замислете, дури и во последното соопштение од Советот за безбедност на Радев, историјата експлицитно ја нема!); на нејзино место како приоритетни се ставени реалните проблеми за зближување и соработка меѓу граѓаните на двете држави (економски, сообраќајни, транспортни, дигитални итн.), чие решавање има за цел побрзо да ги надмине меѓусебните недоразбирања, наместо да продолжи да ги одржува.

Дури и во штурото партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ по средбата на Петков и Мицкоски се суштински поддржани ваквите сегашни македонско-бугарски напори, како ставовите да им се составувани во СДСМ: „Она што беше посочено е потребата за градење на доверба, отворени односи и поврзување на теми и области каде е можна меѓусебна соработка и заеднички бенефит за граѓаните од двете држави. Беше посочена потребата за соработка на темите кои ќе обезбедат иднина, инвестиции во образованието, науката, коридорот 8 и други проекти важни за двете земји. Наместо блокади, потребни се мостови, отворени односи и взаемно почитување“, посочил Мицкоски.

Ете, Христијан не го прашал Петков што бил Гоце Делчев по националност, а немало ни збор за историја, малцинства, уставни промени итн.

Македонија, уште, по којзнае кој пат го повтори и принципиелниот став дека нема да се меша во третманот на бугарската држава на оние кои се чувствуваат како Македонци во Бугарија, бидејќи е тоа работа на меѓународните институции за заштита на елементарните човекови права. И темата и ставовите по неа се стари и многу пати елаборирани (и поткрепени со дузина пресуди на Европскиот суд за човекови права против јасно дискриминирачките политики и практики на Софија), но ригидните официјални ставови на Бугарија (дека таму не постои „македонско малцинство“), ако сакате, се оние што ќе треба да го издржат тестот на времето, бидејќи не е јасно што може да се случи со политичката волја на над 100.000 Македонци кои, според бугарските податоци, добиле бугарско државјанство ако, еден ден, тие или нивните наследници, решат и политички да се организираат во Бугарија?

Но, сега овде главната расправа е за тоа дали актуелното бугарско дипломатско и политичко поместување на ставовите е искрено? Еве, да се согласиме дека не е. Дека е само „купување време“ пред меѓународната заедница за, во своја максималистичка полза, да го омекнат притисокот на кој се изложени, согласно анализите дека тие веруваат (бездруго и на своја штета) оти во блокирањето на македонската евро-интеграција „времето работи за нив“. И дека Петков е само спроведувач на истата стратегија, „облечен“ во харвардски костум.

Па, сепак, ако порано на аптекарска вага ги меревме позитивните нијанси во изјавите на една Захариева, на пример, овие на Петков измерени и на сточна вага се, објективно, позитивни. Човекот има насмевка до уши, а и целиот говор на телото покажува решеност проблемите меѓу Софија и Скопје да се решат. Се разбира дека е прашање дали со ваквиот став самиот политички ќе преживее во Софија, но тоа е негов и проблем на истата онаа меѓународна заедница која до сега не се прослави во претходните напори. Впрочем, во неколкуте месеци пред нас тоа и практично ќе го дознаеме – дури и ако не успее, ние по оваа меѓудржавна посета ништо не сме изгубиле (а ни добиле) од она што го имавме и претходно… Ах, да, освен што со вербална нота до ООН се откажавме од амбицијата од Северна да ја освоиме Источна Македонија, онаа во Бугарија. Пууу, штета, а бевме така блиску до таа цел, оти после ќе ни останеше само Македонијата на југот, па во Солун да држевме општомакедонски конгрес на обединување!

Сѐ на сѐ, работите се придвижени, како резултат на врвните кадровски промени во Софија и Скопје. Зошто ова придвижување отворено да не се поддржи? Барем за мрчење и биење во националните ни гради секогаш ќе има време…