МИНИМАЛНАТА ПЛАТА МОЖЕ ДА ПОЧЕКА, ВЛАДАТА ИМА ПОВАЖНИ ОБВРСКИ Синдикатите најавуваат генерален штрајк

0
27

Сојузот на синдикатите на Македонија одлучи да ги активира штрајкувачките одбори, кои се подготвени повеќе од еден месец, откако ни вчера не се одржа најавениот состанок со Владата.

Од ССМ информираат дека средбата со Владата што требаше да се одржи вчера е одложена за 31 јануари. По вчерашниот вонреден состанок на Претелството од ССМ најавија дека во петок ќе бидат свикани сите тела на Сојузот, за да се активираат штрајкувачките одбори.

-На разочарување на работниците, средба помеѓу Владата и ССМ закажана за денеска се одлага за 31.01.2022 година по барање на Владата. ССМ после презентацијата на Студијата за минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз работењето на фирмите изготвена од еминентни професори, во четврток продолжува со активностите и уште одма во петок ќе го свика претседателството на ССМ, Советот на ССМ и регионалните синдикални претставништва и канцеларии со една цел – да се активираат штрајкувачките одбори и да се запазат постапките за штрајк како и утврдување дата за подготовки за штрајк, изјавија вчера од ССМ.

Инаку, откако се реши проблемот со недела неработен ден, односно Стопанската комора најави дека законите ќе ги повлече од Уставниот суд, на средбата вчера требаше да се разговара за зголемување на минималната плата и за потпишување на Колективен договор со кој целата јавна администрација од годинава би добивала К-15.

Од ССМ велат дека најавените активности имаат за цел решавање на егзистенцијалните проблеми на работниците, зголемување на минималната плата на 18.000 денари, зголемување на останатите плати и утврдување на регресот за годишен одмор во јавниот сектор согласно утврденото право на работниците во приватниот сектор.

-Исто така бараме и продолжување на мерката за замрзнувањето/ограничувањето на цените на основните прехранбени производи и по 31.01.2022 година, дополнува ССМ.