Нема отстапки – децата на училиште со физичко присуство и со маски

0
48

Нема никакви дилеми дека учениците за четири дена повторно ќе седнат во училишните клупи. Владата пред само неколку дена донесе одлука за почетокот на второто полугодие откако претседателот на Комисијата за заразни болести изреферира пред носителите на одлуки каква е состојбата во моментов. Многу доктори за истата анализираат дека е критична, а некои стравуваат дека врвот на зараза сè уште не е достигнат. Деновиве веќе се уриваат рекорди на новозаразени. Но, според здравствените власти директен ризик по децата нема. Новиот министер за здравство Беким Сали дополнително не прецизираше дали ќе бидат санкционирани родителите коишто ќе ги испратат децата на училиште без маска и по тоа прашање остана само на апели.

Во меѓувреме, дел од педијатрите предупредуваат. Како што пристигнуваат податоците од студиите коишто веќе се изработуваат, така може да се испостави дека одлуката за настава со физичко присуство е избрзана барем во овој период кога има многу болни.

Министерот Беким Сали, доктор стоматолог денес за првпат се појави пред новинарите како наследник на Филипче. Пред камерите ги засука ракавите за да прими трета доза вакцина и така раскомотен по маичка со порака „Вакцинирај се“ одговори и други бројни прашања поврзани со пандемијата. Се осврна на високата смртност во земјава и истата ја припиша на малку поразличниот алгоритам во споредба со другите држави, што значи дека и пациенти коишто биле позитивни во моментот кога починале од друга болест биле запишувани во дневните статистики. Кажа дека Комисијата за заразни болести во моментов не размислува за воведување на некакви нови мерки и ограничувања. Упати и апел до приватните лаборатории да размислат за намалување на цените за тестирање и за крвни анализи, без да прецизира дали ќе се водат разговори истите овие здравствени услуги да паднат на товар на Фондот.

Telma