Одбележан Водокрст во црквата „Пресвета Богородица“ во Тетово, крстот го фати 24-годишниот Нинослав Дамјановски

0
42

Во тетовската црква „Пресвета Богородица“ се одбележа празникот Водокрст, ден пред Богојавление Водици. По светата литургија, во црковниот базен во дворот од црквата се изврши Водосвет и спуштање на Светиот крст.

По крстот скокнаа тројца верници, Нинослав Дамјановски, Дејан Савевски и Горан Анѓеловски. Најуспешен и најсреќен беше најмладиот од нив, 24 – годишниот Нинослав Дамјановски.

 

-Ова е четврти пат да скокам по осветениот крст. По втор пат ми се посреќи да го фатам.  Првиот пат го фатив пред шест години кога има 18 години. Очекувам да ми донесе здравје, среќа и бериќет, изјави Нинослав Дамјановски.

 

Празнувањето на Водокрст годинава продолжи со традиционалното спуштање на осветен крст во црковниот базен, која лани поради пандемијата не се одржи. Во Тетово овој единствен чин на спуштање на крстот започнал да се извршува во 1986 година, по иницијатива на црковниот одбор.

Утре на Водици централното одбележување е во тетовска соборната црква „Свети Кирил и Методиј“, каде осветениот крст ќе се спушти во црковниот базен по 9.30 часот.  Водици ќе се одбележува и во другите цркви во тетовските села.