Потрошувачката на кеси е намалена до 10 пати

0
38

Има големо намалување на потрошувачката на кеси по воведувањето на забраната за користење на пластични кеси за носење стоки и дозволена употреба само на биоразградливи кеси за носење стоки со надоместок од 15 денари, оцени денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

-Поминаа речиси два месеци од воведувањето на забраната. Во првиот месец – декември 2021 година од продажбата на биоразградливи кеси се собрани 14.413.019 денари. Според анализите кои ги започнавме да ги правиме  во соработка со маркетите може да се заклучи дека имаме големо намалување на потрошувачката на кеси, рече Нуредини на денешната средба со новинарите.

Нагласи дека во некои маркети кои порано бесплатно давале кеси има намалување и до 10 пати, а кај оние кај кои се плаќале по денари или два, продажбата на кеси е намалена четири пати.

-Потребно е време за навикнување и прилагодување, но сепак веќе има доста позитивни промени, а маркетите продале и голем број на торби за повеќекратна употреба. Следи  донесување на програма за инвестирање на средствата кои се добиени од продажбата на биоразградливите кеси, а целта е овозможување на системот за селекција на отпад да го осети секој граѓанин. Ќе дадеме почетен импулс на локалната самоуправа и колективните постапувачи кои имаат обврска со новите закони да воспостават инфраструктура за селекција на отпад за граѓаните, посебно во заштитените подрачја, рече Нуредини.

Најави дека ќе следат почести контроли во маркетите и додаде дека не е дозволена употреба на пластични кеси подебели од 15 микрони за носење стоки без разлика дали се со рачки или без рачки и додаде дека таквите кеси мора да се плаќаат по 15 денари. Кесите потенки од 15 микрони, посочи, се за хигиенска употреба и може да се користат за пакување месо за што маркетите плаќаат.

-Во контакт сме со Пазарниот инспекторат за да има построги контроли за имплементирање на законите. Контролите ќе ги започнеме во поголемите маркети, бидејќи тие се и најголеми потрошувачи на кеси. Еден голем маркет лани во ноември пред воведувањето на забраната бесплатно делел по 800 илјади кеси, а по воведувањето во декември продал 103 илјади. Друг голем маркет во кој се плаќале кесите месечно продавал по 709 илјади, а сега продава само 147 илјади кеси по 15 денари, рече министерот за животна средина и додаде дека во декември се собрани 240 илјади евра од продажбата на биоразградливи кеси.

Во контакт сме, посочи, со директорите на големите маркети и гледаме дека не се почитуваат мерките во целост, а и тие се свесни за тоа.

Заедно со Инспекторатот ќе направиме поголеми контроли, но првите бројки укажуваат дека имаме намалување до 10 пати на употребата на кеси во маркетите. Нормално е да не очекуваме веднаш да се имплементираат мерките, бидејќи е потребна транзиција кај граѓаните и потрошувачите, но првите анализи велат дека се намалува употребата на пластика во нашата држава и тоа за тони пластика, потенцира Нуредини.

Како што истакна, тој и Министерството за животна средина имаат идеја собраните 240 илјади евра од продажба на биоразградливи кеси да се искористат за набавка на контејнери за селектирање на отпад, пред се на пластика и конзерви, за што бара поддршка од локалната самоуправа и колективните постапувачи за селекција на отпад.