Пржинската влада чека превод на албански, но и консензус за да биде укината

0
33

Измените на законот за Влада со кои се укинува таканаречената пржинска влада ќе почекаат Собранието да расправа за нив, бидејќи претседателот на Собранието Талат Џафери на собраниската седница рече дека предлогот не е на дневен ред бидејќи се уште не е преведен и доставен до пратениците.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на собраниската седница побара претседателот на Собранието Талат Џафери да го дополни дневниот ред со нивниот Предлог законот за измени на Законот за Влада за укинување на таканаречената пржинска влада.

-Со предлог законот се тргаат одредбите кои се однесуваат на функционирањето на пржинската влада. Ова произлезе од зaедничките разговори на лидерите Христијан Мицкоски и тогаш Зоран Заев и по изјаснувањето на СДСМ дека пржинската влада е нефункционална. Затоа бараме да се вратат уставните рокови за избори од 45 до 60 дена. Се работи за мали измени и затоа барам да се дополни како точка на дневен ред. Очекував дека денеска ќе се најде на дневен ред – рече Мицевски.

Џафери потврди дека е доставен Предлог-законот до Собрание, но рече дека тој не е дистрибуиран до пратениците бидејќи не е преведен.

-Мислам дека многу брзо ќе биде преведен. Затоа денеска нема предуслови за да се стави на гласање. Во догледно време сметам дека другите партии ќе се приклучат за да има консензус и предлогот да не биде предложен еднострано. Во координација ќе се разговара и другите координатори да се приклучат  на предлог законот. Што се однесува до роковите во Уставот не постои рок од 45 дена за избори освен за избор на претседател на држава ако предвреме му се прекине мандатаот. Предвремени избори се оддржуваат во рок од 60 дена. Тоа е во надлежност на ДИК. Нема 45 дена рок за кој се манипулира јавноста. Без да има согласност од ДИК не може да се каже дека 45 дена е рок за избори – рече Џафери.

Мицевски возврати дека не е оправдување дека законот не е преведен оти станува збор за бришење на неколку одредби што може да се направи за 5 минути,

-Сепак го поздравувам ставот на Џафери дека има нова ситуација дека пратеничките групи ќе се произнесат и предлог законот консензуално да биде предложен – рече Мицевски.