ЈО Тетово – Со германскиот извештај 99.9% од истрагата за модуларната е завршена, ако не произлезат одредени дополнителни активности

0
16

Германскиот извештај е последната коцка од мозаикот на истрагата, на којшто се чекаше неколку месеци, а треба да даде одговор како за само неколку минути изгоре целата болница.

По повеќемесечна истрага пристигна вештачењето на германските експерти за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово, кој се случи на 8 септември 2021 година, при што загинаа 14 лица, а повеќемина беа повредени. На седум страници се изнесени сознанијата и заклучоците на експертите од Германија, кои што извршија увид на местото на пожарот.

Експертскиот тим од Бундескриминаламт или Сојузната криминалистичка полиција (БКА) чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој по увидот во Тетово, изминативе месеци во своите лаборатории вршеше вештачење на земените примероци. Германскиот извештај е последната коцка од мозаикот на истрагата, на којшто се чекаше неколку месеци, а треба да даде одговор како за само неколку минути изгоре целата болница.

Првиот човек на тетовското обвинителство, Бесир Алиу за ДВ вели е издадена наредба за превод на извештајот, по што ќе бидат обелоденети делови од него.

„Доколку од вештачењето на германските експерти не произлезе некоја финеса за да се спроведат дополнителни активности, можеме да кажеме дека досега истрагата е 99,9 проценти завршена“, вели Алиу.

Тетовскиот обвинител Алиу, кој е делот од петмината обвинители коишто беа вклучени во истрагата, објаснува дека извештајот пристигнал во петокот, по што е издадена наредба за негов превод од германски јазик. Со оглед на тоа дека има еден лиценциран судски преведувач од германски јазик во Тетово, се очекува документот да биде готов за неколку дена. Дополнително, по дипломатска пошта, треба да пристигне и УСБ со снимки направени со дрон на местото на трагедијата, како и оригиналниот извештај. Пред затворањето на истрагата, обвинителите ќе треба да реферираат за предметот пред посебната комисија формирана од државното Јавно обвинителство, во однос на сите активности коишто биле преземени изминатиот период.

Дојче Веле