ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да каже кој дел од Декларација за Делчев им смета, дали Ковачевски преговара за Делчев со Бугарија

Скандалозна е одлуката пратениците од коалицијата на СДСМ да ја отфрлат Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев поднесена во Собранието, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека со отфрлање на Декларација за Гоце Делчев јасно се гледа дека СДСМ ниту ја имаат прочитано Декларацијата, ниту ја сфатиле сериозноста на оваа Декларација поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДСМ не објасни што конкретно од Декларацијата за нив е неприфатливо, дали за нив е спорно истакнувањето на ликот и значењето на Гоце Делчев во револуционерната борба за државност на Македонија. Повторно ги повикуваме пратениците на СДСМ и коалицијата во Собранието да одговорат дали за нив е неприфатлив повикот до медиумите во годината кога се одбележува 150 годишнината од раѓањето на Делчев да вообличат содржини со кои ќе се одбележи ликот и делото на овој најголем херој на земјата? Не одговорија дали е неприфатлив повикот до Институтот за национална историја и до МАНУ да организираат научни собири по повод овој голем јубилеј? Дали за СДСМ е неприфатлив и повикот до училиштата, во рамките на одделенските и класните часови, да спроведат активност со која учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Делчев? Со одбивањето на Декларацијата во Собранието, СДСМ се против повикот за издавање на пригодна поштенска марка по повод овој голем јубилеј?, прашуваат од партијата.

Во соопштението од партијата се наведува дека со отфрлањето на декларацијата од страна на СДСМ веќе е јасно дека СДСМ и пиунот Ковачевски преговараа за ликот и делото на Гоце Делчев, што е темелот на македонската борба за државност и независност.

-Ваквите скандалозни ставови на СДСМ по однос на Декларацијата го потврдуваат стравот на јавноста дека власта е дел од некое сценарио кое има за цел натамошно да ја девалвира државноста и историјата на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.