Во Гостивар одржана средба за поддршка на жените заболени од рак на дојка

Жените од гостиварско кои се борат со канцер на пригодна средба во пресрет на 8 Март добија поддршка од две здруженија, лекари и локалната самоуправа.

На неформалното дружење, неколку гостиварки слушнаа совети од лекари онколози, добија ваучери за фризерски услуги и розови панделки симболот борбата против рак на дојка.

Билјана Беловинова од здружението „When in trouble“ која беше домаќин на средбата нагласи дека на жените кои се борат со канцер им е потребно внимание и поддршка и не само во кампањи и празници.

Биба Додева претседателката на здружението „Борка“ ја истакна важноста од ваквите средби, бидејќи како нагласи не сме да се игнорираат секојдневните проблеми со кои се соочуваат овие жени.

– ЌЕ ИМ ПОДАРИМЕ ВАУЧЕРИ ЗА БЕСПЛАТНИ ФРИЗЕРСКИ УСЛУГИ, БИДЕЈЌИ ЗНАЕМЕ ДЕКА КОСАТА ОПАЃА И ТОА МОЖЕ ДА БИДЕ ЕДЕН ОД ПОГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ СО КОИ СЕ СООЧУВААТ ЖЕНИТЕ. ОСВЕН ШТО КАКО ЗДРУЖЕНИЕ ОБЕЗБЕДУВАМЕ БЕСПЛАТНИ ПЕРИКИ, СО ВАУЧЕРОТ МОЖЕ ДА ПОЈДАТ НА ФРИЗЕР И НАПРАВАТ ФРИЗУРА, ПО ТЕРАПИЈАТА И КОНЕЧНО ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ ЖЕНСТВЕНО, ЗАТОА ШТО РАКОТ НЕ ОЗНАЧУВА СМРТ“, РЕЧЕ ДОДЕВА.

Првиот човек на општина Гостивар ја истакна неопходноста од поддршка и напомена дека наскоро во Гостивар ќе се започне со скрининг за побрзо откривање карциномот, а тоа ќе биде платено со пари од општинскиот буџет.

Онкологот Илир Исмаили на средбата ја истакна важноста од превенцијата на ракот на дојка, бидејќи како што кажа оваа болест е водечка според бројките. Тој напомена дека во земјава, секоја година има помеѓу 750 до 800 новодијагностицирани случаи и оцени дека е исклучително важно да се прават почести прегледи со мамографија, ехо на дојка и самопреглед.