Дачиќ: Србија не смее да се придружи на санкциите против Москва, доста гиневме за други

Претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ оцени за РТС дека Србија не смее да се придружи на разните осуди и санкции на Русија, бидејќи земјите кои го бараат тоа од Србија не ѝ помогнаа кога во 1999 година Србија беше бомбардирана, додека поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ оцени дека Русија изврши агресија на Украина и дека ќе биде голем проблем кога ЕУ ќе ја притисне Србија да ѝ воведе санкции на Москва.

Дачиќ сепак мисли дека Србија не треба да се придружува на никакви санкции.

„Дали ние (Србија) сме енергетска сила, па сè да зависи од тоа како ние ќе се изјасниме, мораме да ги гледаме своите интереси. Доста гиневме за други. Да ги зачуваме односите и со ЕУ и со Русија и со Кина, бидејќи никој нема да нè брани ако тие (Русија и Кина) престанат да нè бранат“, кажа Дачиќ.

Тој наведе дека кризата во Украина се случи бидејќи Западот не го почитуваше договорот НАТО да не се шири на исток.

„Мораме да балансираме, и украинскиот и рускиот народ ќе платат висока цена. Апелираме на мир“, кажа Дачиќ.

Изјава за РТС даде и претседателот на партијата СДС Борис Тадиќ кој кажа дека Русија изврши агресија на Украина.

Тадиќ кажа дека Србија не може да го поддржи признавањето на Доњецк и Луганск, бидејќи тоа е спротивно на нејзините интереси поради Косово и Метохија.

„Ако ние ја осудувавме инвазијата на Србија, тогаш не можеме да го поддржиме тоа признавање. Мораме да имаме избалансирана политика“, кажа тој.

Тадиќ, меѓутоа, истакна дека ќе биде голем проблем кога ЕУ ќе ја притиска Србија да ѝ воведе санкции на Русија.