Затворени четири угостителски објекти во Тетовско, затекнати 27 лица без ковид-сертификат

Привремено се затворени четири угостителски објекти вчера во Тетово и околни населени места во координирана акција на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат  и Управата за јавни приходи, кои извршиле инспекциски надзори во десетина угостителски објекти и казина на територијата на Тетовско. Од МВР соопштија дека објектите се запечатени со пломби од Инспекторатот, а нивното привремено затворање е по член 64 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Во четирите затворени објекти биле затекнати вкупно 27 лица без задолжителните КОВИД-сертификати, а во два објекта затекнати се лица без соодветни лиценци кои вршеле работа како обезбедување на објектите.

-Во два објекта беа констатирани прекршоци по основ на Законот за заштита од пушење, а за три објекти побарана е дополнителна документација согласно Законот за угостителска дејност, така што постапката за нив продолжува до целосно разгледување на документацијата, информираа од МВР.

Во сите контролирани објекти изречени се и глоби од страна на Управата за јавни приходи по основ на неиздавање фискални сметки.