За непрописно паркирање во Тетово месецов изречени над 200 глоби

Тетовската полициска станица за безбедност на патниот сообраќај неделава уште повеќе ги интензивираше континуираните активности за поголем ред и безбедност со паркирањето во градот, информира СВР Тетово.

Само вчера биле санкционирани 17 непрописно, односно погрешно паркирани возила, од кои 14 биле и подигнати од тетовската „пајак-служба”, зашто го попречувале нормалното движење на другите учесници.

– Од почетокот на овој месец досега вкупно биле подигнати над 200 погрешно паркирани возила, претежно во централното градско подрачје, каде е и најголема секојдневната сообраќајна фрекфренција. СВР Тетово уште еднаш со апел до возачите, односно сопствениците на возилата, да не ги паркираат на недозволени места, на тротоари, во зона на крстосници и слично, а посебно да избегнуваат паркирање во таканаречени „двојни редови”. Со тоа, најнепосредно ќе придонесат за побезбедни улици во Тетово, по кои непречено ќе можат да се движат и пешаци, велосипедисти и други учесници во сообраќајот, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

За погрешно паркираните возачи предвидени се парични глоби, кои за овој вид прекршоци се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност. Од 28 јануари за подигнато возило од „пајак-службата” во рамки на зонското паркирање наплаќа и казна од 1800 денари.

MИА