Интересот за вакцинација во Тетово нагло намален

Во вакциналниот пункт при Здравствениот дом во Тетово се помал е интересот за вакцинирање против Ковид-19, велат тамошните лекари.

Според нив се вакцинираат оние кои веќе досега се вакцинирале со две дози, додека младите најмалку се одлучуваат на овој потег.

-Во последниот период има нагло намален интерес на граѓаните за вакцинација. Може слободно да кажеме дека ова последна недела сме имале околу 500-600 пациенти за една недела. Во тоа се пациентите што примиле прва, втора и трета. Тие пациенти што примиле редовно прва и втора доза тие се сепак најредовните што доаѓаат и за трета доза. Моментално интересот е поголем само кај тие пациенти што примаат трета доза, а кај пациентите за прва доза нарочито на младите под 30 години е многу намален. Во последната недела од купно 600 дадени вакцини за трите дози, за првата доза биле 15 до 18 проценти од таа бројка, изјави д-р Бесник Мустафаи од Вакциналниот пункт.

Д-р Хасан Илјази од Ковид центарот информираше дека викендов имало два смртни слуачи кај луѓето што се на болничко лекување.

-Моментално во Клиничка болница се хоспитализирани 11 пациенти кои се на кислородна поддршка и со други болести кои ја комплицираат состојбата. Пациентите се над 40 години. Ние ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат мерките кои се поставени од Министерството за здравство и Комисија за заразни болести. Симптомите од Ковид-19 се слични со тие од настинка, поради тоа тие со температура, кашлица и проблеми со дишење добро е да се обраќаат на здравствена установа и да бараат помош и тестирање, изјави Илјази.

Во Ковид центарот хоспитализирани се 11 лица.