Ковачевски за повикот на Мицкоски: Единството и застапувањето во нашата држава се прави во законодавниот дом

Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека смета дека вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за обединување не е искрена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што правеле е креирање на хистерија во однос на разговорите со соседна Бугарија.

Ковачевски вели дека во рамки на подготовките за работните групи кои што ги формирале со бугарскиот премиер Кирил Петков и членовите на неговата Влада, упатиле покана и до опозицијата која што била одбиена.

„Во однос на единството, единството и застапувањето во нашата држава се прави во законодавниот дом кој што претставува дом на сите граѓани, кои се застапени од пратениците, и доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани Декларации, со кои што единствено се попречува процесот на разговори кои што се водат во духот на европски вредности и на задржување на достоинството на сите граѓани дека ќе помогне, тие го прават токму спротивното“, порача Ковачевски.

Во однос на средбата меѓу Ковачевски и Мицкоски, премиерот посочи дека кога ќе се случи, медиумите ќе бидат известени.