Ковачевски: Сакам да верувам дека пропустот со фотографијата е ненамерен

Премиерот Димитар Ковачевски денеска пред новинарите рече дека верува во искреноста на прес-службата на бугарскиот Министерски совет, од каде што како ненамерен пропуст го опишаа неговото отстранување од заедничката фотографија со бугарскиот шеф на владата Кирил Петков и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

– Веќе имаше вчера изјава од прес-службата на бугарската влада дека се работи за ненамерен пропуст. Јас и премиерот Петков со нашите делегации имавме навистина одлична комуникација во рамки на Минхенската безбедносна конференција и сакам да верувам дека одговорот кој што е даден од бугарската страна е тој кој што е вистинскиот, рече Ковачевски.

Тој додаде дека преговорите со бугарската страна се водат во духот на европските вредности и дека нема да оствари лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Доколку единствено се зборува за предвремени парламентарни избори, нема да има таква средба. Избори ќе има во 2024. Во овој момент е потребно лидерство за големите предизвици – енергетската криза, здравствената криза, ценовната инфлација која е транзиторна, и тоа се темите на кои треба да разговараме, наведе тој.