Колку лица добивале плата а не оделе на работа во општина Тетово

Опозициската ВМРО бара поранешната градоначалничка Теута Арифи, да одговара за штетата предизвикана во општина Тетово од неколку милиони евра.

Оваа партија денеска преку соопштение ја обвини коалицијата ДУИ-СДСМ, дека ја оштетила општина Тетово за неколку милиони евра, за што, според ВМРО, треба да одговара поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, која ги потрошил овие пари за договори на луѓе кои не оделе на работа, наместо да инвестираат во водовод, осветлување и инфраструктура.

„Криминалната коалиција ДУИ-СДСМ, ја оштетила општина Тетово за 7 милиони евра. Ова е штета од неодењето на работа на 244 лица, кои биле платени од општинскиот буџет, иако ништо не направиле. 7 милиони евра наместо да се потрошат за подобрување на хигиената во градот, нови водоводни и канализациски инсталации, завршија кај лица од списокот на Теута Арифи, ДУИ и СДСМ. Одговорноста не треба да биде само на луѓето кои не отишле на работа, туку пред се на Теута Арифи, како раководител на институцијата која го оштетила општинскиот буџет“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Брза беше реакцијата на СДСМ од Тетово. Ја поддржуваме транспарентноста, но не и генерализирањето на имињата. Од 240-те апострофирани на списокот, има и такви кои работеле во општината, велат од СДСМ, од каде бараат да се објават имињата и на вработените со договор на дело, дури и во времето кога ДУИ беше во локална коалиција со ВМРО.

Екипа на АЛСАТ побара изјава од советниците на ДУИ, но тие не одговорија. Од друга страна, поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, пред неколку дена во медиумите за првпат го коментираше прашањето за договорите што ги објави општина Тетово. Таа негираше дека има 800 договори на дело, и рече дека стои зад секој од нив.

„Нормално дека нема 800 лица со договор на дело, а второ, тие ја изнесоа секоја уплата за физички лица за 2021, каде што има и членови на комисии, има плаќања по одлуки на советот така што има различни плаќања кои се направени за физички лица, но не значи дека овие лица имаат договор за рбота во општината, сето тоа со тенденција да стане голема приказна. Апсолутно стојам зад секој човек кој бил ангажиран во општината, но мислам дека не е во ред да се изнесат податоци за луѓе или нивните имиња“,изјави Теута Арифи Екс-градоначалничка на општина Тетово.

Од општина Тетово соопштија дека случајот е во правниот сектор.

Нормално е што по објавувањето на списокот истото да го упатиме до правниот сектор до овластени лица, да ја продолжат постапката за тоа како треба да се постапува во судската постапкаЌ, нагласи Бесар Дурмиши Претседател на општинскиот совет на Тетово.

Инаку, општина Тетово ден претходно објави список со над 800 имиња кои наводно имале договор со општина Тетово во текот на минатата година, од кои повеќето се вели дека немале работно место во општината, а месечно земале плата.