Косово бара итно членство во НАТО и постојана американска база

Министерот за одбрана, на Косово Арменд Мехај повика на итно членство на Косово во НАТО и побара од САД да воспостават постојана американска база на Косово.

Тој ги повика сите земји кои се двоумат да го признаат Косово, тоа да го направат што е можно поскоро.

 

 

„Врз основа на реалноста создадена по руската воена агресија во Украина и нејзиниот одраз во целокупната безбедносна средина на Западен Балкан, Европа и светот, бараме од Соединетите држави и сите сојузници и земји партнери да го забрзаат членството на Косово во НАТО. Нашите сојузници и земјите „членки на НАТО кои се двоумат дали да ја признаат независноста на Косово, велам не двоумете се повеќе“, напиша тој.

Тој додаде дека во овој момент одговорните држави и народи не треба да исклучуваат никого во заедничката визија и пред заедничкото зло.

Мехај наведува дека Косово заедно со својот народ цврсто стои на вистинската страна на историјата со своите сојузници.

„Косово и неговите граѓани, ја докажавме и потврдивме нашата цврста позиција и определба дека сме достојни борци во одбраната на евроатлантските вредности за слобода, мир и демократија, вредности на кои стои НАТО и неговата мисија“, рече Мехај.

Тој, исто така, рече дека формирањето на постојана американска база е итна потреба за гарантирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и пошироко.

„Време е да го повториме нашиот повик до нашиот незаменлив сојузник, САД, да воспостави постојана воена база, како целосна гаранција за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко“, рече Мехаи.

Како што истакна, „Косово е свесно за потенцијалните предизвици, закани и опасности“, а во таа прилика повика на „дејствување денес“ за да се спречи „непредвидливото зло за регионот, континентот и светот“.