Лидерите на НАТО се согласија за делумно распоредување на силите за одговор во источните земји-членки

NATO flag flutters during the celebration of the 15th anniversary of Lithuania's membership in NATO in Vilnius, Lithuania March 30, 2019. REUTERS/Ints Kalnins - RC1967A89600

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг соопшти дека Алијансата ќе распореди дел од своите борбени сили за одговор во источните земји-членки по руската инвазија врз Украина.

„За првпат ги распоредуваме силите за одговор на НАТО во контекст на колективна одбрана“, рече Столтенберг на прес-конференцијата по виртуелниот Самит на НАТО.

„Русија го наруши мирот на европскиот континент. Она на што предупредувавме со месеци се оствари и покрај сите наши напори да најдеме дипломатско решение“, рече Столтенберг на почетокот на Самитот

Тој рече дека Москва ја сноси целата одговорност за „намерната, ладнокрвна и долго планирана инвазија“.

Столтенберг не кажа колку војници од силите за одговор на НАТО ќе бидат распоредени, но рече дека се работи за „илјадници“ и потврди дека се работи за копнени, морски и воздухопловни сили.

Дополнително, ќе бидат и испратени војници од Заедничките наменски сили со многу висока подготвеност, кои во моментов ги предводи Франција.

НАТО претходно имаше околу 5000 војници стационирани во Естонија, Летонија, Литванија и Полска, но значително ги зголеми своите сили во овие земји во изминатите три месеци.

САД и некои од другите 29 членки ѝ доставуваат разновидно оружје на Украина, а Столтенберг рече дека тоа ќе продолжи. Тој рече дека оружјето што го доставуваат ќе вклучува и противвоздушна одбрана.

Сепак, НАТО соопшти дека нема да започне никаква воена акција за поддршка на Украина, која е близок партнер на Алијансата, но не е земја-членка.

Американската армија вчера соопшти дека испраќа 7000 војници во Европа, како засилување на тие 5000 што беа неодамна распоредени.