Македонски и бугарски планинари заедно го искачија граничниот врв Борова Могила

Во Делчево е реализиран планинарски марш до врвот Борова Могила на планината Влаина. Маршот во должина од 11,5 километри се реализираше под водство на лиценцираниот планинарски водич Љупчо Чучуковски, кој воедно е и претседател на ПСК „Голак” и неговиот помошник Борче Иванов од Виница.

На маршот учествуваа членови на планинарските друштва ДПС „Лисец” од Штип, „Бел Камен” од Радовиш и „Бела Екстреме” од Петрич, Р. Бугарија.

 

– Сите горенаведени планинари направивме една рекреативна дружба за искачување на врв Борова Могила на 1219 метри надморска висина, што беше во организација на ДПС „Лисец” Штип, додека ние бевме нивни водичи, бидејќи се работи за терен кој е многу познат за нас како клуб. Маршутата започна од манастирот Св.Илија над делчевското село Ѕвегор на 800 метри надморска висина со движење во правец кон Илин Камен, Чутурски Рид се до врвот Борова Могила, истакна водичот Љупчо Чучуковски.

 

Планинарскиот марш се реализирал по сончево време со позитивни температури, без ветар и доста голема видливост.

-На поедини места имаше сосема малку снег, но генерално временските прилики беа одлични. На крај завршивме во Вила Делчо Транс на 1139 метри надморска висина, со позитивна дружба исполнета со жива музика од планинарите кои свиреа на инструменти, додаде Чучуковски.

Лиценцираниот планинарски водич вакви и слични походи најави и за наредниот период.