Мизрахи: Никој не кажува дека Бугарија сега е фашистичка држава, но недозволиво е да се менуваат историските факти од Втората светска војна

Недозволиво е да се менуваат историските факти особено кога задираат во периодот од Втората светска војна, од таа војна како човештво научивме лекции кои не може да се заборават, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Што не е јасно“ на Алфа во однос на барањето на Бугарија да се избрише зборот фашистички од македонските учебници и споменици, но и по изјавите на одредени лица вклучени во преговорите со Бугарија.

Мизрахи истакна дека никој не кажува дека тоа содејствува на денешната Бугарија, но нивната политика не може да го менува минатото.

– Во текот на Втората светска војна, 98% од еврејското население од Македонија е истребено, депортирано е преку Бугарија за Треблинка и таму го завршуваат својот живот и учесник во истото се бугарските власти и нема бегање од овие историски факти. Кога некој ќе каже дека Бугарија не била фашистичка државата, Бугарија била монархофашистичка држава и уште полошо од тоа, Бугарија била нацистичка држава, а доказот стои во гласањето на Законот за чиста нација, изгласан во Собранието на Бугарија во јануари 1941 година, изјави Мизрахи.

Таа потенцираше дека Бугарија направи пакт со Хитлер и од тоа нема бегање, историските документи го докажуваат тоа.

– Историските факти стојат во историската документација, царот Борис има потпишано указ заклучно со законот за чиста нација. Не знам како некој може да посегне и да каже дека не се работи за фашистичка држава. Самиот поранешен бугарски претседател Георги Прванов го цитираше бугарскиот цар Борис кој вели дека еврејството создавало омраза, морално распаѓање и морално измама и дека е виновно за сите конфликти во светот и капитализмот. Ако тоа не звучи како фашизам, што е потребно повеќе како доказ, изјави Мизрахи.