Мицкоски – Касами: Македонија се движи во погрешен правец, оваа влада треба час поскоро да замине

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Тетово се сретна со градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами.

Според Мицкоски, тие имале исклучително конструктивен состанок.

„За мене претставува посебна чест и задоволство што денеска сум овде во општина Тетово, што можам да разговарам со градоначалникот на општина Тетово и претседател на политичката партија БЕСА. Имавме навистина исклучително конструктивен  состанок. Разговаравме на актуелните теми кои што ги мачат сите граѓани во Македонија, разговаравме за актуелната политичка и економска ситуација, како што кажа градоначалникот зборувавме за предизвиците со енергетската криза. И навистина дојдовме до еден заеднички заклучок, а тоа е и практично заклучокот на огромно мнозинство граѓани, би рекол повеќе од две третини дека државата оди во погрешен правец, дека Македонија се движи во погрешен правец и дека оваа влада треба час поскоро да замина за да и тргне на Македонија и на граѓаните од Македонија без разлика дали се тоа граѓани на Скопје, Штип, Тетово, Гостивар, Струга или Струмица“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека „колку подолго оваа влада на СДСМ и ДУИ остане таму каде што е, толку повеќе проблеми ќе имаат сите граѓани, толку повеќе полни автобуси ќе ја напуштаат Македонија и најголем дел од нив никогаш нема да се вратат, толку повеќе ќе имаме корупција, ќе имаме криминал и ќе имаме лоша економска состојба“.

Мицкоски додава дека ако некогаш можевме да бидеме лидери во регионот според економскиот раст и според бројот на инвестиции, за жал денеска сме на самото дно и тоа е поразувачки факт.

„За мене преставува чест и задоволство што денеска можевме да поразговараме на овие теми, но и да поразговараме за предизвиците со кои локалната самоуправа и општина Тетово се справуваат на дневна основа. Голема храброст е што господинот Билал Касами го направи тоа најпрвин на локалните избори, а потоа и да се фати директно во костец за решавање на наталожените проблеми кои ги има општина Тетово“, вели Мицкоски.