МНР го прекина молкот, не се предвидува предвремена замена на конзулот во Тотова, САД

Македонија веќе има назначено генерален конзул и не се предвидува негова замена.

По безмалку ден и пол молк од веста дека младата ТВ презентерка Бесмира Ејупи наводно е избрана за генерален конзул во Њујорк, македонското МНР ги демантира како што вели во соопштението, бројните и нецелесни иформации.

-Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Македонија во моментов има Генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена, се вели во кусото соопштение од МНР, кому му требаше цело деноноќие да ја потврди или демантира веста, која вчера беше топ тема во јавноста и предизвика бура реакции.

Од Владата вчера не дадоа одговор дали предлогот за назначување на Ејупи бил прифатен на затворена седница, само одговорија дека на отворената седница, ваква точна на дневен ред, немало. Поранешен висок дипломат за Канал 5 вели дека позицијата конзул во Њујорк е сериозно место за која е потребна сериозна подготовка, а при изборот на кандидатите е потребен граѓански а не партиски пристап.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска во интервју за Канал 5 околу информациите за наводната владина одлука го обвини МНР за аматеризам.

-За конзул може да биде испратено лице кое е висок дипломат во рамките на МНР што во случајов не е така, или доколку не е така по исклучок може да биде испратено лице кое е високо афирмирано во јавноста и кое е високо афирмирано во меѓународните односи.Аматеризмот оди дотаму што не ни знаат каде ја праќаат. Велат дека ја праќаат во Генералниот конзулат на Македонија во Њујорк, а од 2016 година Конзулатот на Македонија е преместен и не е веќе во градот Њујорк туку е во Њу Џерси.-Александар Николоски.

Од целиот случај вчера се оградија од Кабинетот на Претседателот од каде кажаа дека постапката за именување на генерален конзул во странство не е во надлежност на шефот на државата , туку на МНР и Владата. Инаку за овој случај денеска се огласија и од македонскиот дипломатски сидикат од каде повикаа веднаш да престане омаловажувањето со дипломатската професија.