МОН: Во образованието нема место за политички игри, Тетово да се заложи за подобри образовни можности

Министерството за образование и наука ја критикува општина Тетово поради одлуката да го откаже настан поддржан од проектот „Образование за вработување“ и од амбасадата на Швајцарија.

Од МОН велат дека напорите за модернизација на средното стручно образование и негово прилагодување на потребите од стручен кадар на локално ниво, не секаде се добронамерно сфатени и најдобро прифатени.

„Одлуката на општина Тетово не е во најдобар интерес ниту на идните средношколци од градот, ниту на бизнис заедницата која покажа подготвеност да се вклучи во проширување на концептот на дуално образование и обезбедување на добри услови за практична обука и квалитетно стручно усовршување и подготовка на младите тетовчани за брз и успешен настап на пазарот на трудот. Во иднина разумот мора да надвладее, бидејќи носителите на политички функции имаат обврска да работат и служат во интерес на граѓаните.

Ниту една измислена причина не може да ја затскрие политичката позадина на ваквата постапка на градоначалникот на општина Тетово. Чекорот е погрешен, бидејќи во образованието нема простор за политика и за правење обиди за собирање на политички поени. Во образованието фокусот се и мора да бидат учениците, наставниците, студентите, професорите и нивните најдобри интереси“, велат од МОН.

Додаваат дека откажаниот настан од страна на општина Тетово ќе се одржи во некој од следните денови и веруваат дека градоначалникот ќе биде добар домаќин на средбата со претставниците од МОН, Швајцарската амбасада и локалната бизнис заедница.