Не прифаќаме веќе децата да учат дека нашите предци се Татари, вели Колев

Не прифаќаме веќе децата да учат дека нашите предци се Татари, фашисти, окупатори и најголеми непријатели на Македонија, вели Петар Колев, претседател на Граѓанско демократска унија, одговарајќи на прашање на бугарската агенција БГНЕС за тоа која била целта на нивната посета на Софија.

Тој кажа дека се во Софија за да добијат информација од прва рака.

„Овие преговори одлучуваат за нашата судбина и за судбината на нашите деца, дали тие ќе продолжат да живеат како втора категорија граѓани или ќе станат полноправни и рамноправни граѓани на сопствената земја. Се решава судбината на нашето историско минато и културно-историското наследство во Македонија“, нагласи Колев.

Тој изјави дека Бугарите во Македонија повеќе не прифаќаат рушење на спомениците на нивните дедовци, не прифаќаат нивните деца на училиште да бидат индоктринирани со антибугаризам и омраза кон Бугарија.

Бугарските власти не се откажуваат од барањето за внесување на Бугарите во Уставот.

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков вели дека со македонската влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски ќе достават заеднички предлог до Европската комисијата, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав во текот на пристапните преговори со ЕУ. Тој во  интервју за „Еурактив“ изјави дека тоа не е билатерално прашање, туку е во согласност со принципите на сите земји членки на ЕУ.

Преземено од фактор.мк