Петков барал објаснување од Ковачевски за инцидентите на гробот на Делчев и во Битола

Oтстранувањето на лентите од венците што бугарските делегации ги положија на гробот на Гоце Делчев и искршеното стакло на бугарскиот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, се причините поради кои бугарскиот премиер синоќа му се јавил на македонскиот колега, од кого барал објаснување.  Инцидентите што се случија деновиве беа ставени во политички контекст во однос на релациите Скопје-Софија, но Ковачевски го информирал Петков дека, барем во едниот случај, не се работи за политика.

На прашањето, дали разговарале за политичките прашања кои треба да се решат, Ковачевски повтори дека, министерствата за надворешни работи на двете држави ќе имаат средба на 10 и на 11 февруари, на која ќе работат на спорните делови. Доколку се посигне напредок што ќе се базира на европските вредности и меѓусебното почитување, тогаш јавноста ќе биде информирана преку обраќање на министерот надворешни работи пред надлежната собраниска комисија.