По една деценија најави, европскиот број 112 ставен во функција

Симболично денеска ( 11. 02) е пуштен делумно во употреба Европскиот број за итни случаи – 112. Станува збор за еден телефонски центар кој ќе ги обединува службите за итни случаи – полицијата, брзата помош и противпожарната заштита на територија на државата. Сега во земјава има четири броеви на кои може да побараат помош граѓаните тоа е броевите за полиција 192, противпожарна единица на 193 , 194 за брза помош и 195 за центарот за управување со кризи. Во прво време ќе бидат во употреба сите овие броеви и со тек на време ќе се мигрира кон 112.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната промоција на системот Е-112, истакна дека на единствениот повикувачки број ќе работи посебен тим од Центарот составен од најстручните и најобразованите службеници. Системот е дизајниран операторот при добивање на повикот да ја знае локацијата на граѓанинот кој го упатува повикот.

„Еден од најилустративните примери кои го користиме за објаснување на овој број е една тешка сообраќајна несреќа, во која луѓето можеби се заглавени во возилото. Со вртење на 112 нашиот оператор, кој го прима повикот, веднаш ја известува полицијата, брзата помош, а доколку има потреба и противпожарната единица. Значи граѓанинот со вртење на еден број ќе добие целосна грижа од државата – полицијата ќе го обезбеди местото, брзата помош ќе му помогне, а пожарникарите ќе го изгаснат пожарот или ќе го извлече лицето доколку е заглавено во возилото“, рече Ангелов.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека системот обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување на ред и мир, за обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби, кои по потреба се активираат, поради опасности по животот на граѓаните и поради загрозување на материјалните добра и имотот на граѓаните и државата.

Стартување на системот 112 доаѓа по доцнење со реализацијата речиси една деценија. Тој првично беше најавуван пред повеќе од 10 години. Лани најавите беа дека овој систем ќе стартува по летниот период по завршувањето на обуките на 30-те вработени, а потоа се одложи за в декември.

Единствениот европски број 112 е проект кој секоја земја аспирант за ЕУ мора да го воведе во својот систем. Македонските обиди за создавање на целиот систем за негово воведување е од периодот кога земјава стана и кандидат за членство во ЕУ во 2005-тата година.

Прв пат овој проект започнал да се подготвува уште во 2005-тата година, но формално е најавен од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2013 година. Уште тогаш во медиумите било објавено дека системот е речиси готов иако тоа не било точно. Опремата за овој систем е добиена како донација од ЕУ во 2018 година. Проектот е вреден 2,3 милиони евра, а подготовките траеја повеќе од 15 години.

RSE