Тетово со помалку смет во и околу контејнерите, но со дива депонија со илјадници тони отпад

Во и околу контејнерите во Тетово има помалку смет за разлика од порано, но станицата за претовар на сметот, како и регионалната депонија Русино каде се депонира тетовскиот смет, се уште наликуваат на диви депонии.

На претоварната станица кај тетовско Фалише сметот пред да се однесе во регионалната депонија Русино се уште се истура на земја, загадувајќи ја почвата, воздухот и подземните води.

-Досега се променија четири локации за претовар на сметот. Првата беше кај железничката станица во Тетово каде се натрупаа илјадници тони отпад, потоа на влезот од градот каде се запали депонијата, а потоа кај тетовски Требош, станицата која функционираше по некои стандарди, но за кратко и таму заглави работата, односно на машината за претовар на сметот во неколку наврати настануваат дефекти и пак истата приказна, сметот продолжи да се претовара на земја. На крајот одлучија тука во близина на тетовско Фалише да го депонираат сметот, ама пак без стандарди. Значи наместо да се реши проблемот, станиците за претовар се префрлаа од едно на друго место, работејќи без никакви стандарди, а притоа истовремено загадувајќи ја почвата, подземните води и воздухот, рече еден жител на тетовско Фалише.

Од Општина Тетово, неодамна за медиумите истакнаа дека во план се да се изберат две нови две локации во полошкиот регион за претовар на сметот, кои ќе работат по сите стандарди.

Инаку од минатата недела, тетовскиот отпад започна да се носи во регионалната депонија во гостиварско Русино, откако беа исполнети минимум условите за депонирање на сметот.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово, одговорија дека сега значително ќе се намалат купиштата смет на претоварната станица кај тетовско Фалише, а од друга страна ќе се намалат и трошоците на претпријатието кое досега го носеше сметот во скопската депонија Дрисла, каде за еден тон депониран смет плаќаа и од 10 евра ,а во Русино цената е за неколку пати пониска.

Во регионалната депонија Русино се исполнети минимум условите за работа, но таа се уште е налик на дива депонија. Сега преостанува втората фаза од проектот, кој ќе треба да се реализира со средства од Европската банка за обнова и развој. Треба да се стандардизира Русино, а во меѓувреме да се изнајде и нова локација за регионална депонија, која ќе биде наменета за целиот полошки регион.

ТЕКСТ И ФОТОГРАФИИ ТВ ТЕЛМА