Украина ги мобилизира резервистите, убиен еден украински војник

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се повикани воените резервисти, но ја отфрли можноста за општа мобилизација откако Русија објави дека ќе испрати војници во источна Украина.

Зеленски изјави дека ќе продолжи да бара дипломатско решение на кризата, нагласувајќи дека Украина нема да ѝ отстапи ниту педа територија на Русија, пренесува Ројтерс.

Зеленски рече дека нема потреба од општа мобилизација и дека мора брзо да ја пополнат украинската армија и другите воени формации.

„Како врховен командант на вооружените сили на Украина, издадов указ за регрутирање на резервистите во одреден период“, рече тој.

Според него, мора да се зголеми подготвеноста на украинската армија за сите можни промени во оперативната ситуација.

Зеленски јавно ги критикуваше странските амбасади и украинските бизнисмени зашто ја напуштиле земјата, велејќи дека „сите мора да останат во Украина“.

„Нивните компании се наоѓаат на украинска почва и ги штити нашата армија“, рече тој.

Украинската војска рано утрово соопшти дека еден војник е убиен, а шестмина се ранети во 96 гранатирања извршени од проруски сепаратисти во претходните 24 часа. Се додава дека сепаратистичките сили користеле тешка артилерија, ракетни системи Град.