Шаќири: Немаме придобивки од штрајк, се разгледуават неколку можности за покачување на платите

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека е отворен за комуникација со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за нивното барање за покачување на платите на наставниците. Порачувајќи дека нема придобивки од одржување штрајк  Шаќири денеска изјави дека инсистира на директна комуникација со СОНК за да не дојде до тоа.

-Јас претходната недела имав состанок со претседателот и двајца претставници на СОНК, а крајот на неделата ќе реализирам уште еден состанок на кој ќе присуствуваат и претставници од Министерството за финансии, отворени сме за комуникација и во најбрзо време ќе дадеме одговор за овој многу важен процес, најави Шаќири во однос на барањето за повисока плата на наставниците, по покачувањето на минималната.

– Oтворени сме за комуникација. Оваа недела пак ќе реализирам состанок, а на тој состанок освен МОН ќе присуствуваат и претставници од Министерството за финансии. Можно е да биде до крајот на оваа недела или почетокот на другата недела, рече денеска Шаќири во одговор на новинарско прашање пред почетокот на настанот за унапредување на средното стручно образование.

Тој напомена дека се разгледуваат неколку можности во однос на процесот за покачување на платитe, a потсети и дека е во собраниска процедура Законот за наставници во кој е вклучено и покачувањето на платата.

-Ќе бидеме отворени, мислам дека во најбрзо време, до март имаме оставено период кога ќе дадеме одговор за овој многу важен процес, додаде министерот за образование.

Во однос на најавите за штрајк доколку не се исполни барањето за покачување на платите, министерот смета дека од штрајк немаме придобивка и затоа, како што рече, инсистира на директна комуникација со СОНК за да не дојде до штрајк.

-Мислам дека најавите се да се избегне штрајот, и да дојдеме до договор за покачување на платата. Наредниот период е клучен период за комуникација меѓу важните институции, но многу важен процес е и финансискиот дел, додаде Шаќири.