Ахмети со видео на ФБ: Цело време се обидуваат да и наштетат на ДУИ

0
35

Најави ли лидерот на ДУИ Али Ахмети некаква нова стратегија или објави фронт на двете најголеми политички партии од македонскиот блок?

Лидерот на интегративците доцна синоќа објави видео на социјалните мрежи преку кое ги обвини и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека низ годините како што наведе нанесуваат штета на ДУИ. Во видеото се објавени делови од изјави на претставници од двете партии како упатуваат обвинувања до ДУИ за криминал и корупција.

Во описот пак Ахмети напиша: Години на континуирани напори од различни актери да и наштетат на ДУИ, како и да го искористат за остварување на целите за нивните секојдневни политики. Сепак, и покрај тоа што поранешни и актуелни функционери на владејачакта СДСМ се дел од видеото на Ахмети, од Бихаќка велат дека не гледаат потреба да коментираат како што велат, политички маркетинг, а тврдат дека односите со ДУИ се стабилни.

-Не гледаме потреба СДСМ да коментира политички маркетинг на било која партија, граѓаните многу добро знаат кои се нашите политики, нашите заложби, вредности, врз основа на тоа на парламентарните избори ни ја дадоа довербата. Односите со ДУИ се стабилни, нормални, имаме добра соработка, тоа се однесува и на партнерите од парламентарното мнозинство, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговорија дека ДУИ не треба да биде изненадена за обвинувањата упатени низ годините и му порачаа на Ахмети да го провери орманот за струја кој влезе во фокусот на јавноста откако самиот лидер на ДУИ објави фотографија за време на пописот минатата година, која во таа прилика отвори сомнежи за приклучен див кабел за струја.

Од ДУИ пак нема одговор за тоа кои се мотивите на партискиот лидер зад објавата на видеото, од таму само преку соопштение одговорија на обвинувањата упатени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Овие медиумски изјави на ВМРО-ДПМНЕ се бледа копија на кампањата на СДСМ пред неколку години со ист вокабулар и со иста цел. Спроведените проекти и конструктивниот пристап на кадрите на Демократската Унија за Интеграција ја демаскира политичката демагогија на ВМРО која покажува знаци на неоснована нервоза од успесите на Албанските кадри во водечките државни институции и политики. – велат од ДУИ.