БЕСА не сака 1, туку 3 Изборни единици, Милошоски го повика Џафери да го извади законот од фиока

0
52

Продолжуваат консултациите на партиите за измените на Изборниот законик. ВМРО-ДПМНЕ имаше средба со движење Беса како и со пратеникот Панчо Минов кој е потписник на предложениот закон за една изборна единица. Од Беса не се согласуваат за една изборна единица и сметаат дека е подобро да има три и дека самото нивно окрупнување нема да предизвика одредени проблеми.

„Ние предлагаме многу лесно административно се менаџира. Значи првата и втората изборна единица се соединуваат, третата и четвртата изборна единица, се соединуваат, петтата и шестата и на некој начин и се окрупнуваат овие изборни единици, а административно и технички да биде многу изводливо. Апсолутно Изборниот закон би требало да се донесе консензуално и досега тоа било случај кај нас, значи сите политички партии, сите кои се вклучени во нашето Собрание да се договориме да се донесе такво решение“, рече Фадиљ Зендели од БЕСА.

И останатите партии на Албанците во земјава досега се изјасниле дека се против една изборна единица. За тоа утре ВМРО-ДПМНЕ ќе има прво средба со Алијанса за Албанците, а потоа и со ДУИ. Антонио Милошоски вели дека е подобро да се почне процедурата со расправа во Собранието и на тој начин да се почне со негово усогласување. Затоа го повика претседателот на Собранието Талат Џафери да го стави на дневен ред.

„Предложениот закон за измени во изборниот модел кој што во моментов се чува во фиоката на спикерот Талат Џафери да излезе и да почне со собраниска процедура и да имаме јавна дебата за истиот закон. Секој има различно мислење и тоа си е легитимно право, но затоа она што е наш заеднички став во денешниот разговор со пратеничката група на Беса е дека овој предлог закон не треба да се крие туку треба да се извади во собраниска процедура,“ рече Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве имаше средба и со други политички партии околу овој предлог за една изборна единица, за која пак подолг временски период инсистираат помалите политички партии. Од Демократскиот сојуз сметаат дека е добро да се оди со една изборна единица поради тоа што на тој начин секој пратеник ќе биде избран со сразмерен број гласови, што сега не е случај. Од СДСМ рекоа дека и тие се за една изборна единица, но дека за тоа треба да се постигне консензус од партиите.