Брачен пар ќе го истакне знамето на општина Гостивар на планината Килиманџаро

0
36

Брачниот пар Ајфер и Керамедин Зендели ќе ја претставуваат општина Гостивар при нивната експедиција и освојување на највисокиот врв на афричкиот континент планината Килиманџаро. По тој повод тие беа на прием кај градоначалникот Арбен Таравари.

Овие двајца планинари се членови на планинарското друштво „Шар“ кое изминативе години има соработка со локалната самоуправа.

– Ми беше особена чест да ги пречекам и Ајфер и Керамедин Зендели, планинари и членови на планинарското друштво „Шари“ од Гостивар. На брачниот пар им го предадов знамето на општина Гостивар, кое ќе биде истакнато на еден од највисоките врвови во светот. Овие планинари ќе бидат учесници на „Експедиција Килиманџаро 2022“ и за прв пат ќе се претставуваат нашиот град. Навистина сум горд што нашето знаме ќе се вее на еден од највисоките врвови, рече Арбен Таравари градоначалник на општина Гостивар.

Сопружниците од првиот човек на општината на приемот го зедоа знамето за кое ветија дека ќе го истакнат на врвот со што ќе ја одбележат и нивната годишнина, триесет години брак. Зендели појаснија дека за оваа експедиција се подготвуваат неколку месеци.

– Чувствуваме задоволство од приемот и тоа е важно бидејќи ќе бидеме први од Гостивар што одиме на планината Килиманџаро. Со нетрпение очекуваме да започнеме со качување, секако дека ќе испратиме и фотографии од таму. Искачувањето трае седум дена, а нашето патување десет дена, вели Ќерамедин Зендели, планинар.

Ќерим Абази, претседател на планинарското друштво „Шари“ истакна дека двојката Зендели се решила на ваков чекор и да стане дел од оваа експедиција бидејќи досега ги има искачено сите највисоки врвови на Балканот.

– Мораме да им приредиме одличен прием кога ќе се вратат, бидејќи први се први гостиварци кои искачуваат на Килиминаџаро, а им посакувам потоа да се искачат на Хималаите, рече Абази.

Брачниот пар Зендели досега искачиле над 400 планински врвови во Македонија и на Балканот. „Експедиција Килиманџаро“ важи за еден поголем потфат во планинарењето. Учесниците од цел свет се искачуваат на 5.895 метри надморска висина до врвот Ухуру, кој се смета за највисокиот врв во Африка.