Гевгелија се собра да поддржи сопственик на ресторан уништен од казна за лажни сертификати за Ковид

0
19

Ми го уништија бизнисот, не можам да платам 7,000 евра казна за Ковид сертификати, вели Илија Митрев, сопственик на ресторанот Крем од Гевгелија. Неговата емотивна приказна ја потресе македонската јавност, откако фирмата била казнета 7,000 евра затоа што неколку лица седеле во ресторанот со лажни Ковид сертификати.

Две години се боревме да преживееме. Две години не можеме два денара да извадиме. Позајмици правам да платиме струја, плати. Ова е катастрофа. Дали сум јас или некој друг, вака не бива. Јас не сум убиец. Идат гости, во време кога има 100,000 лажни сертификати, кога економијата е нула, ова ни го прават, знаете ли колку пара е седум илјади евра?, изјави сопственикот Ице на собирот на граѓани пред неговиот ресторан кои дојдоа да му изразат поддршка против неправедната одлука на гевгелиската инспекција.

Според владината политика, казните се однесуваат на лицата кои носеле лажен сертификат, но и за рестораните и кафулињата кои треба да побараат сертификат, без притоа да имаат можност да проверат дали се работи за фалсификуван документ.

Треба ли да ги затвориме сите овие луѓе кои едвај од први до први преживуваат? Ние ги плаќаме бирократите што пишуваат казни, нека дојдат они еден ден да пробаат да отворат дуќан. Да пратиме порака до нашите сограѓани судии кои ќе ги судат овие луѓе, нека размислат дека носат одлуки за свои сограѓани, комшии. Не можете да ги уништите своите комшии додека се топлите во тие канцеларии што ние ги плаќаме. Ние со бирократијата во Скопје тешко ќе се бориме, но ги повикуваме нашите сограѓани, судии, застанете во одбрана на своите роднини, порачаа говорниците на собирот пред реторанот.