„ДОСТА НИ ГИ ДЕГЕНЕРИРАВТЕ МЛАДИТЕ“: ПРОТЕСТ ПОРАДИ ОТВАРАЊЕ КАЗИНО ПРЕД ГРАДИНКА ВО ТЕТОВО

0
38

Движењето против коцкање во Тетово денеска организираше протест во знак на револт што се дозволува отворање казино пред една од тетовските градинки.

Членовите на Движењето и поддржувачите го блокираа сообраќајот пред градинката на кружниот тек на булеварот „Видоја Смилевски-Бато” и улицата „Браќа Миладинови”.

-Презедовме обврска и должност енергично да се бориме против понижувањето и уништувањето што ни се случува полека и трајно, затоа инсистираме на моделот на опстанок: почитување на актуелниот закон и затворање на сите објекти за игри на среќа до донесување на новиот закон прифатлив за граѓанинот порано во соседна Грчка, сега во Албанија и Косово, а според информациите што ги имаме ќе биде донесен во Црна Гора. Не сакаме да бидеме дел од политичките конфронтации, иако нашата битка и видливост зависат главно од политиката, затоа ќе бидеме принудени да ги демаскираме двојните игри кој и да ги игра, како и да ја подигнеме свеста кај граѓанинот и родителите да бидат во одбрана нашите семејства, истакна Џемал Абдиу од Движењето.

Тој изјави дека од ноември 2016, од кога почнале со иницијативата, постојано се соочуваат со промена на власта, а тоа знач, како што рече, и нова борба во насока да се донесе соодветен закон за игрите на среќа.

-Објектот близу универзитетот успеваме да не се отвори и оттогаш неколку влади се сменети. Секој предлог закон за игри на среќа што се дава е се полош и полош, рече Абдиу.

Тој објасни дека не се согласуваат со актуелниот предлог, посочувајќи дека е многу далеку од нивните барања.

-Најлошо е тоа што во последниот предлог апсолутно и градинките не се вклучени. Затоа денес протестираме. Не може близу реклами за памперси, да има реклама за казина, рече Абдиу.

Вработените во градинката „Младост”, предводени од в.д директорот Буран Исени, ја поддржаа оваа активност и беа присутни на протестот.

-Како установа го поддржуваме овој протест, бидејќи се работи за отворање казино многу блиску до градинка. Активностите децата, кога е добро време ги одржуваат надвор од просториите, дворот на градинка и затоа ние сме против отворање на ова казино, изјави Исени.

На протестот беше присутен и тетовскиот градоначалник Биљал Касами. Се обратија повеќе активисти на Движењето, како и универзитетскиот професор Муса Мусаи.