Д-р Петличковски: Не за шарлатантски дебати – третата доза штити од хоспитализација и смртност

0
22

Комисијата за заразни болести по одржаниот редовен состанок денеска информираше за епидемиолошката состојба во државата и ја оцени како подобрена поради помал број на активни случаи, но сепак не до крај добра.

Во возрасната група од 6 до 14 години има зголемување на бројот на случаи поради наставата со физичко присуство, рече претседателот на Комисијата, доктор Александар Петличковски. Тој апелираше  да се следат протоколите за одржување настава со физичко присуство и  учениците и родителите да го прифаќаат тестирањето да бидат пореспонзивни кон тестирањето.

-Со таа намера отвораме нови пунктови. Од денес во Ѓорче Петров и Идадија ќе може да се закаже тестирање преку матичен лекар. Дополнително ќе отвориме пунктови во Центрите за јавно здравје.  Ја анализиравме смртноста и анализите упатуваат дека најголем дел од починатите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или примиле 2 дози пред повеќе од 6 месеци. Затоа апелираме граѓаните да примат трета доза. Третата доза исклучително штити од хоспитализација и смрт и тоа се најпроверливите и најважните факти кои мора на секој да му се јасни. Деновиве шарлатански дебати ги ставаат во прашање овие податои, иако овие податоци се најсилни и проверливи. Вакцинацијата е најдобра заштита од тежок тек на болест и смрт и тоа е препораката на нашата комисија за сите граѓани, рече доктор Петличковски.

Комисијата апелира наставата на факултетите која се одвива онлајн, да биде со физичко присуство и да биде поткрепена со вакцинација на студентите и наставниот кадар.

Серолошкиот скрининг започна во Скопје на повеќе локации кои не се откриваат за да не доаѓаат луѓе наменски да се тестираат и за да има скрининг од случајни минувачи.

-Вчера собравме 200 примероци и за брзо време ќе имаме податоци. За Скопје ќе собереме 1000 испитаници на 5 локации. Паралелно тестираме и низ државата со трансфузиолошките заводи кои имаат здрави дарители. Планираме помош и од центрите за јавно здравје, додаде Петличковски.

Доктор Злате Мехмедовиќ рече дека нема да има укинување на вакциналните сертификати. Тој рече дека омикрон е четврта варијанта на коронавирусот во земјава, а во светот активни се уште две.

-Сертификатите не се во насока да се спречи трансмисија туку да се спречи пренесувањето на тие што немаат никаков имунитет. Оние кои не можат да докажат дека се вакцинирале или прележале ќе бидат заштитени да не може да влегуваат во простории кај што се во висок ризик бидејќи немаат никаков имунитет, објасни доктор Мехмедовиќ.

Слободен печат