Експлозии во Киев, Харков, Одеса, Мариупол… (ФОТО+ВИДЕО)

0
31

Руските сили рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија војници на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече во ТВ-обраќањето, специјална воена операција на истокот.

 

Набргу откако Путин зборуваше на руската државна телевизија, во тишината пред зори можеше да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.

Престрелки одекнуваа во близина на главниот аеродром во главниот град, објави новинската агенција Интерфакс, а над градот се огласија сирени.

„Путин штотуку почна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати“, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.

„Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Време е да се дејствува.“

Реагирајќи на инвазијата што Западот ја очекуваше со недели, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите молитви се со народот на Украина „додека претрпуваат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“.

Русија повикуваше на прекин на проширувањето на НАТО на исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската алијанса предводена од САД е неприфатливо.

Тој рече дека ја одобрил воената акција откако Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите што доаѓаат од модерна Украина, држава со 44 милиони жители.

„Русија не може да се чувствува безбедна, да се развива и да постои со постојаната закана што произлегува од територијата на модерна Украина“, рече Путин. „Целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина.“

Целосниот опсег на акцијата е нејасен

Целосниот обем на руската воена операција сѐ уште не е јасен, но Путин рече: „Нашите планови не вклучуваат окупација на украински територии. Ние нема да наметнеме ништо со сила“.

Говорејќи додека Советот за безбедност на ОН одржуваше итен состанок во Њујорк, Путин рече дека им наредил на руските сили да го заштитат народот и ја повика украинската војска да го положи оружјето.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничните сили и дека експлозии се слушаат во многу градови.

 

 

Тој рече дека е прогласена вонредна состојба и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Во средата беа мобилизирани резервистите.

Медиумите објавија дека воените командни центри во Киев и североисточниот град Харков биле погодени со проектили додека руските трупи влегле во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол.

Сведок на Ројтерс подоцна слушнал три силни експлозии во Мариупол.

Сепаратистите поддржани од Русија соопштија дека почнале офанзива врз источниот град Шчастија, кој е под контрола на Украина, јави руската новинска агенција Интерфакс, а експлозии го потресоа и отцепениот град Доњецк во источна Украина.

Неколку часа претходно, сепаратистите побараа помош од Москва за запирање на наводната украинска агресија – тврдењата што САД ги отфрлија како руска пропаганда.

Бајден рече дека Путин избрал војна со предумисла, која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање.

Иако ја исклучи можноста за распоредување американски војници во Украина, тој рече дека денеска ќе објави дополнителни санкции кон Русија.

„Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и одлучен начин. Светот ќе ја смета Русија за одговорна“, рече тој.

Преземено од мкд.мк