Матичните лекари најавуваат протест, утре ќе работеле само со итни пациенти

0
22

Матични лекари на последна координација пред утрешниот протест. 

Револтирани од казните кои ги добија од Фондот за здравствено осигурување за административни пропусти уште од 2019 година, дел од лекарите од примарното здравство за утре најавуваат протест.

Од Здружението на приватни лекари велат дека, во текот на утрешниот ден,  нема да пружаат помош преку системот „Мој Термин“, освен за пациентите кои ќе имаат итна потреба од матичен лекар.

„Примарното здравство не може да го издржи финансискиот товар, покачувањето на минимална плата и трошоците за живот од една страна, но од друга се соочуваме со казнена политика од административен карактер“, велат од Здружението.

Најавуваат дека во текот на утрешниот ден ќе имаат средба со заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски за да поразговараат околу актуелните проблеми кои ги мачат лекарите од примарното здравство.

Матичните доктори, преку социјалните мрежи ги повикаа своите пациенти во ординациите навремено да ја набават хроничната терапија, бидејќи утре нема да може да ги услужат.

Тие алармираат оти дел од матичните доктори веќе размислуваат за затоврање на своите ординации бидејќи, како што велат, не можеле да ги издржат финансиските трошоци.

НоваТВ праша во ФЗО дали ќе се најде решение за оваа состојба и дали матичните лекари, сепак ќе мора да ги платат примените договорни казни. Оттаму ни рекоа дека одговор ќе добиеме во текот на утрешниот ден.

На почетокот од годинава, пред Божиќ, матични лекари добиле решенија за казни за нивните ординации, за прекршоци од 2019 година, поради административни грешки во работењето. Изречените казни биле за препишани лекарства кои пациентите морале да ги добијат, а за кои била потребна препорака од специјалист, која има важност од една година. Тогаш од Здружението на приватни лекари реагираа дека „администрацијата испаднала поважна од здравјето“.

Од Фондот за здравство, во писмената реакција на забелешките на матичните лекари, тогаш посочија оти тие изминатиот период ја олесниле казнената политика спрема здравствените установи.

Во текот на 2019 година, со склучување на анекс на договори беа драстично намалени договорните казни. Воведен е мораториум – мирување, одлагање за изрекување на договорни казни за период од 01.01.2019 до 30.06.2019 година. Во текот на 2020 година, Фондот значително ги намали контролите во здравствените установи, со цел да излезе во пресрет на лекарите кои се справуваа со пандемијата на Kовид-19. При разгледување на записниците од извршените контроли во здравствените установи, ги зема во предвид сите олеснителни околности, со тоа што за сторени повреди на договорните обврски кои опфатија период на важењето на два договора, секогаш ја изрекуваше помалата договорна казна“, стоеше во реакцијата на Фондот за здравство.

Од Фондот посочија дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, следејќи ги препораките на Светска здравствена организација (СЗО), донеле низа мерки заради спречување на ширење на коронавирусот.

„Продолжено е важењето на специјалистичките извештаи, отпусни писма и конзилијарни мислења на повеќе од една година, заради непречено издавање на рецепти, боледување и ортопедски помагала на осигурените лица. Избраните лекари во периодот на траење на мерката не ги повикуваа осигурените лица на превентивни прегледи. Избраните лекари имаат право да препишуваат лекови на рецепт од Листата на лекови на товар на Фондот – антибиотици и анксиолитици – над дозволениот лимит, кои се неопходни при третман и лекување на осигурените лица заболени од коронавирусот“, велат од ФЗО.

Договорните казни кои ги добија матичните лекари на почетокот на минатиот месец поттикнаа и реакција од Лекарската комора. Комората побара од ФЗО да ги повлече или да ги ревидира казните и истовремено да ја промени казнената регулатива.

Поради лошата состојба во приватното здравство, бројот на матични доктори од 1.800 се намалил на околу 1400.

Нова тв