Мицкоски: ќе ги искористиме сите методи и алатки за да дојдеме до предвремени избори

0
38

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба со градоначалникот на општина Тетово и лидер на Беса Биљал Касами која се одржа во општинските простории, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе го радикализираат опозицискиот фронт и како ќе дојдат до избори, кога власта вели дека нема да има избори до 2024 година, истакна дека не очекува власта да си замине.

“Нормално дека ќе сакаат до последно да го цицаат народот и да живеат на маката на народот. Ако мислите дека тие сами ќе заминат нема да заминат, еве јас ќе ви кажам не треба тие да ви кажат. Но затоа ние како опозиција имаме свои алатки и методи институционално и вонинституционално, да се бориме за тоа што мислиме дека народот го очекува од нас и да бидеме на страната на народот“ нагласи Мицкоски.

Тој додаде и дека имаат план и стратегија и ќе ги искористи сите институционални и вонинституционални методи и алатки да се дојде до предвремени парламентарни избори што побргу.

„Нормално дека имаме план, јас сум сериозен човек и секогаш во животот ги правам работите со план. Бидете трпеливи ќе видите“ истакна Мицкоски.

Неговиот домаќин Касами пак рече дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ разговарале за повеќе теми и за меѓусебна координација.

„Со Христијан Мицкоски разговаравме за соработката на централно ниво, за изнаоѓање на решенија во делот на кризата во која се наоѓа државата, како и во меѓународно ниво, на внатрешен план за економската криза која е посериозна во делот на енергетската криза, разговаравме во делот на тоа како да ги координираме активностите за да имаме побрзи избори и волјата на народот да биде на централната власт, Владата да биде согласно гласовите на народот“, истакна Касами.