Непрооден патот до тетовското село Луковица поради снег

0
15

Поради високата снежна покривка речиси е невозможно да се оди или да се замине од селото Луковица на планината Сува Гора во рамки на Општина Желино, алармираат жителите на ова планинско место. Тие се жалат дека општината го нема исчистено снегот од патот во должина од 5,5 километри од селото до месноста Крстец. Според нив снегот е исчитсен на патниот правец Групчин-Седларево, а кракот од месноста Крстец до Луковица е оставен.

-Во вторникот во село Луковица има паднато снег над 60 сантиметри. До ден денес патот не е исчистен, не е прооден. Горе има жители, над 35 души. Се обративме до Општина Желино со ветување дека ќе го исчистат патот. Дополнително не иритира што Групчин-Седларево е исчистен патот, а нашиот крак од 5,5 километри не е. Не можам да стапам во контакт ниту со директорот на ЈКП ниту со градоначалникот. Се јавив во Центар за управување со кризи, да видиме што ќе биде. Не е исчистен патот и не може да се комуницира. Горе не постои и нема продавница, мора да одат во Групчин. Има само едно теренско возило кое може да слезе со ланци на сите четири тркала.  Мислам дека сега не е 70-тите години да нема машини. Сега машини има на секој чекор, не е некоја голема пара, но се зависи од нив, изјави Миле Сибиновски од месната заедница и Здружението на жители на Луковица.

Тој потсетува дека во досегашните два наврати кога сезонава имало снежна покривка, таа била отстранета, а сега тоа не е направено.  Преку телефон побаравме став од Општина Желино, но иако беше ветено од кабинетот на градоначалникот во текот на денот не добивме одговор за состојбата со отстранување на снегот.

Луковица е меѓу ретките села во државата до кое нема асфалтиран пат. Коловозна лента има до месноста „Крстец“ односно крстосница каде патот продолжува до Седларево или се оди лево до Луковица.