Од минималец не се живее, едвај се преживува – граѓаните бараат повисоки плати

0
28

Дека од минималец не се живее, туку само се преживува, велат граѓаните и сметаат дека минималната плата мора да се покачи што поскоро.

Посебно во малите места во внатрешноста, многу работници земаат минималец, и велат дека да не им помагаат пензионерите за пополнување на домашниот буџет, нема да можат да врзат крај со крај. Oбјаснуваат дека дури и да скокне минималецот на 18.000 денари, народот и натаму ќе биде сиромашен затоа што сѐ е поскапено.

„Во фабриките, продавниците, и на многу други места работниците примаат минималец. Ситуацијата е катастрофална. Не може да ви стигнат 15.000 денари кога само сметките се 7.000 или 8.000 денари. Луѓето се жалат, разочарани се. И веднаш да ја покачат минималната плата на 18.000 денари, народот пак ќе биде во многу лоша состојба“, вели Зоран П., жител на Берово.

Граѓаните наведуваат дека поскапеа струјата, храната, превозот, а платите стојат во место, и бараат надлежните да покажат повисока свест и одговорност.

„Ако земате 15.000 денари плата, треба да додадете уште 500 денари и да си ја платите сметката за струја и затоа сите сакаат да бегаат од овде. Ќе нема кој да работи во Дебар. Луѓето се задолжени со кредити, или пак живеат така што им помагаат роднините од странство. Сѐ е поскапено, така што и 30.000 денари ќе бидат малку за живот“, смета Фисник К.  од Дебар.

Се жалат и кратовчани. Велат и да работите за плата, и да водите бизнис, градот е мртов и е многу тешко за опстанок. Лошата економска ситуација не е од денес, туку исто е со години.

„Луѓето опстануваат живеејќи во заедница, така што помагаат и пензионерите. Сите се жалат, но нема што да се прави, криза е“, вели Љубица Николова, жителка на овој град.

Синоќа не е постигнат договор за зголемување на минималната плата. Се преговараше со часови. Разговорите продолжуваат во петок.  Од ССМ им порачаа на работодавачите да размислат добро и да не купуваат време. Бараат минималецот да се зголеми на 18.000 денари.

Предлог-законот за измени на Законот за минимална плата што го поднесе партијата Левица  е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 10 овој месец.

Фактор.мк