Петков го отстрани Ковачевски од заедничката фотографија со Блинкен

0
19

Бугарскиот премиер Кирил Петков го отстрани македонскиот премиер Димитар Ковачевски од заедничката фотографија со американскот државен секретар Ентони Блинкен, сликана за време на говорот на американската потпретседателка Камала Харис на Минхенската безбедносна конференција, пренесе „БГНЕС“. Неколку часа претходно Ковачевски ја објави истата фотографија, во чија оригинална форма се забележуваат сите тројца политичари.

Оригиналната форма на фотографијата што ја објави Ковачевски/Фото: МИА

– Елиминирањето на корупцијата е врвен приоритет за целата демократска заедница и безбедносните служби. Ќе работиме заедно за да се справиме со овој проблем! Ако успееме да го направиме тоа, веднаш ќе следат инвестиции и нови високо платени работни места! – напиша Петков во прилог на фотографијата споделена на социјалните мрежи.

Бугарскиот премиер на социјалните мрежи сподели повеќе фотографии од средбите со европските лидери, меѓу кои се францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон.

Македонскиот премиер Ковачевски, пак, истакна дека за време на срдечната средба со Петков и со Блинкен, американскиот државен секретар изразил целосна поддршка за дијалогот и пријателството помеѓу Македонија и Бугарија и ја споделил неговата искрена желба двете земји да се видат заедно во ЕУ.

Петков на маргините на Минхенската безбедносна конференција оствари кратка средба и со македонскиот претседател Стево Пендаровски.