Поранешниот украински претседател Порошенко со калашников на улиците на Киев (ВИДЕО)

0
46

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко се појави во програмата на Си-Ен-Ен од улиците на Киев каде што е со војниците, во време кога руската армија се приближува кон главниот град на Украина.

На прашањето на новинарите со што се вооружени тој и групата и каква намера имаат кога Русите ќе влезат во центарот на Киев, Порошенко одговори: „Многу е едноставно. Еве, ова е краток калашников. Имаме околу 300 членови на територијалната одбрана и имаме два митралези, толку. Немаме тешка артилерија, немаме тенкови…“, рече тој и додаде дека процесот на вооружување го започнале пред само неколку дена.

Тој рече и дека нема доволно оружје за сите луѓе кои сакаат да се пријават во баталјонот и дека е трогателно што се појавуваат обични луѓе кои никогаш не биле во војска. „Тоа е многу трогателно и навистина покажува колку Украинците го мразат Путин и колку се противат на руската агресија“, рече тој.

 

На прашањето колку долго можат да издржат, тој подзастана и рече: Засекогаш! Мислам дека Путин никогаш нема да ја освои Украина, без разлика колку војници или нуклеарно оружје има. Ние сме голема европска нација со голема иднина“, изјави Порошенко за Си-Ен-Ен.

Поранешниот украински претседател изјави претходно дека Владимир Путин целосно полудел.

„Тој е луд, тој е само злобен, тој дојде овде за да ги убие Украинците“, рече тој.

Порошенко е под истрага за трговија со проруските сепаратисти на истокот за време на неговиот мандат. Порошенко, чие богатство магазинот Форбс го процени на 1,6 милијарди долари, ја водеше земјата од 2014 до 2019 година, кога беше поразен на изборите од Зеленски.