ПРЕДЛОГ МЕРКИ: УКИНУВАЊЕ НА ВАКЦИНАЛНИТЕ СЕРТИФИКАТИ И ПОТВРДИ ЗА ПРЕЛЕЖАН КОВИД ЗА ИЗЛЕЗ ОД ЗЕМЈАВА

0
37

Трудниците кои беа ослободени од работа поради пандемијата, сега да се вратат на работните места, бидејќи состојбата со коронавирусот во земјава се смирува – препорача Комисијата за заштита од заразни болести.

Падот на новозаразени допринесе за уште еден предлог, односно за излез од земјава граѓаните да не треба да приложат сертификат за вакцина, ПЦР тест или потврда дека прележале Ковид.

Минатата недела пак, 1.406 бремени жени се заразиле со коронавирусот, а за 9 од нив завршило со смртни последици. Но новиот извештај на ИЈЗ бележи дека има околу 30% намалување на бројот на заболени, но и смртни случаи од коронавирусот.

Во извештајот пак, ИЈЗ објавил и препораки од СЗО за превенција и контрола на вирусот во фазата во која се наоѓаме. Покрај вакцинацијата, подготвеност во итни случаи, индивидуални мерки на претпазливост, Светската здравствена организација препорачала

– Работење од дома, што е можно повеќе.

– Да се промовира е-учење на универзитетите.

– Службите за згрижување на деца и основните и средните училишта треба да останат отворени со соодветни мерки за безбедност и надзор доколку тоа го дозволува локалната епидемиолошка состојба.

Но, Комисијата за заразни болести, минатата седица предложи студентите да се вратат со физичко присуство на факултетите, а денеска меѓу новите предлози е и трудниците да се вратат на работа, со оглед на тоа што епидемиолошка состојба во земјава стивнува.

Сега на потег е Главниот кризен штаб да ги разгледа предлозите, а крајниот филтер е Владата.

Земјите од регионот пак веќе почнаа целосно да ги укинуваат ковид протоколите. Во Словенија маските се задолжителни само во затворени простории, а  сертификат за вакцинација, ковид тест или доказ за прележан ковид ќе се бара само во затвори, старечки домови и здравствени установи. Грција пак не ги укина ковид сертификатите, но укина дел од антиковид мерките. Бугарија пак за еден месец од сега најави остранување на сите ковид мерки.