Продолжува битката за „авторско право“ врз Гоце Делчев

0
37

Треба да зближува, а не да нѐ дели. Дали одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ќе исчекори од старите лавиринти?

Апостол на револуционерната борба, идеолог, стратег, великан… Исти оценки врзани за делото на Гоце Делчев се пишуваат од двете страни на границата, со една клучна разлика во ставовите – чиј е тој, македонски или бугарски херој. Низ лавиринтите на овој историски спор денеска ќе се одбележи и 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, во 13 часот и со заедничко положување цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје од македонски и бугарски владини претставници. На тој чин ќе присуствува бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, придружувана од заменик министерката за надворешни работи Велислава Петрова и претседателот на собраниската Комисија за медиуми и култура, Тошко Јорданов, а македонската министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска придружувана од заменичката министерка за надворешни работи, Фатмире Исаки.

„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, наведе во соопштение македонската влада.

Петков и Радев во Благоевград

До вчера попладне сѐ уште клучната дилема беше дали премиерите на двете земји ќе бидат присутни на заедничкото чествување, иако и Петков и Ковачевски по нивната средба во Софија навестија дека заради други обврски на 4-ти февруари нема да се сретнат во Скопје.

Кој, каде ќе изрази почит – прашуваа и во бугарската јавност. Иако првично беше најавено дека премиерот Кирил Петков во придружба на македонскиот в.д. амбасадор Владимир Крстевски ќе пололожат цвеќиња пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, од вчера планот е сменет. Петков заедно со претседатeлот Румен Радев ќе присуствува на чествувањето во Благоевград во 17 часот по локално време.

Благоевград е нераскинливо поврзан со судбината на Гоце Делчев и неговото семејство. Тука е погребан неговиот татко, тука почиваат коските на многу негови роднини“, пишуваат бугарски медиуми.

Други пак потсетуваат на „големото бугарско предавство“ на оние што дозволиле посмртните останки на Делчев во 1946 година да бидат пренесени од Бугарија во Македонија.

„Историјата е сложена, противречна, повеќеслојна – кога ја вадиме од научните трудови, таа обично се поедноставува и се претвора во политичко оружје. И токму затоа сме одговорни за што се ќе ја користиме“, пишува професорот по културна антропологија од софискиот универзитет „Климент Охридски“, Ивајло Дичев.

„Бугарите им се лутат на своите македонски комшии дека развиле свој национален идентитет, поинаков од нашиот, го нарекуваат измислен, се подигруваат со нивниот јазик, кој им звучи дијалектно. Заборавајќи, дека и нивниот и кој било друг идентитет црпи ресурси не само од факти, туку и од колективни емоции, воспитувани од националните институции (…) Земете ги чудните битки за историско авторско право. Чиј е Гоце Делчев? Поданик на Отоманската империја, роден и умрен на територијата на денешна Грција, етнички Бугарин, коешто самиот го изјавувал, или борец за независна Македонија од Охрид до Одрин? Па сето тоа. Овој множествен идентитет на нашиот балкански Че Гевара може да биде основа за зближување. Но, поинаку е, ако задачата е народите да се насочуваат еден против друг“, пишува Дичев.

Година посветена на Делчев

За време на престојот во Скопје бугарската делегација ќе присуствува на официјалното отворање на прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА). Овој прес-центар неформално ги отвори вратите за време на посетата на Кирил Петков на Скопје, кога тој и македонскиот премиер Димитар Ковачевски беа негови први гости и на подарок добија фототипско издание на „Бугарски народни песни“ од браќата Миладинови. Во Бугарија сега тековната 2022 година ќе биде посветена на Гоце Делчев, со најавени голем број научни конференции, изложби, нови книги и збирки на истражувања, за што е формиран и комитет од претставници од повеќе научни институции. Денес во Софија се одржува и првата тркалезна маса во организација на Македонскиот научен институт, а пред два дена беше промовирана и брошура издадена од Фондацијата „Македонија“ со текст на историчарот Наум Кајчев, (член за заедничката Комисија за историски и образовни прашања), која ќе биде дистрибуирана во Европскиот парламент.

Во Северна Македонија засега не се најавени активности од таков обем во текот на целата година. Денеска во Музејот на македонската борба ќе биде отворена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ што ја подготви Државниот архив, под покровителство на претседателот на државата. Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Делчев како организатор на македонското револуционерно национално-ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. За изложбата е користена богата архивска документација, преписки на Делчев, сведоштва од негови соборци, патот на неговите посмертни останки од село Баница преку Софија до до Скопје, но и материјали што ги оставиле потомците на Делчев.

Изложбата напладне ќе ја отвори претседателот Пендаровски, откако ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Декларација за Гоце

По повод 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ќе поднесе декларација која ќе ги исцрта позициите по прашањето за Гоце Делчев, најави вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски, во интервју на ТВ „Канал 5“.

Запрашан дали заедно со Кирил Петков би положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, Мицкоски изјави: „Ако Петков се сложи дека Гоце Делчев е Македонец и дека се борел за своја македонска независна држава, тогаш немам никаков проблем“.

На прашањето каков ќе биде ставот на ВМРО-ДПМНЕ ако во Собранието дојде предлог Бугарите се внесат во Уставот, Мицкоски рече дека тие не ги менуваат ставовите по потреба и дека нема да се согласат доколку нема реципроцитет, но и писмени гаранции дека во иднина нема да има други услови и блокади.

Мицкоски на неговиот Фејсбук профил денеска објави и видео порака во која постетува на делото и зборовите на Гоце Делчев.

Почит кон делото на македонскиот револуционер владини и партиски делегации денеска ќе оддадат и пред спомениците на Делчев во градскиот парк и на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Дојче Веле