Протести на патот Битола – Кичево со барање за реконструкција на коловозот

0
26

Жителите од демирхисарските села денеска го блокираа регионалниот пат Демир Хисар Кичево во знак на револт затоа што патот е во очајна состојба, со огромни дупки, а иако рехабилитацијата на делот Другово – Демир Хисар е во програмата за реализација на ЈП  за државни патишта, жителите велат дека досега ништо не е направено. Велат ова денес беше мирен и предупредувачки протест, неполитички, но доколку не добијат одговор од надлежните институции, ќе преземат порадикални мерки.

-И во 2020 и во 2021 година, ередтсвата беа обезбедени од ЕБОР, стои ставката за рехабилитација на Другово – Демир Хисар, нема реализација. Апелираме до надлежната институција во најбрз можен рок, да обзнани каква ќе биде нивната реакција. Ако не добиеме одговор ќе ги интензивираме протестите, рече Виктор Блажески, жител на демирхисарско.

Лошата состојба на патот, кој е од клучно значење бидејќи ја поврзува цела западна Македонија, велат дека им влијае врз нормалното живеење. Имаат огромни штети на автомобилите, а наместо за 35 минути, до Кичево пристигнуваат за еден час.

-Куќите на почетокот на селото од кај Кичево, ние секој ден имаме земјотрес од 4 степени, по 50 пати се дрмаме, вели Злате Ивановски.

-Некни ја скинав гумата, пред тоа  предницата, сега зглобот, не можеш да ги избегнеш дупките. Не да ни се отежнува, нервозен ни е животот, вели Јордан Станковски.

-Ни се кршат автомобилите на 6 месеци, двапати годишно најмалку, ако не и повеќе, рече Сашо Мегленовски.

-Пресметавме минимум 150.000 евра годишно ние граѓаните гио даваме на Јвани патишта, каде одат тие пари, дали има нешто инвестирано во тој пат, вели Роберт Ендековски.

На протестот дојде и градоначалникот на Демир Хисар.

-Ова прашање беше покренато на состаноците на Пелагонискиот плански регион, патиштата во цел регион се катастрофални, но овој мислам дека е веќе алармантно и небезбедно и мислам дека мора да се преземат мерки што е можно поскоро, изјави Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека Јавното претпријатие за државни патишта веќе работи на проектната документација за рехабилитација на регионалниот пат  Демир Хисар – Другово. Очекуваат проектот да биде завршен до пролет оваа година, а предвидена е целосна рехабилитација во должина од 42 километри од овој патен правец. Потенцираат дека ќе им излезат во пресрет на жителите и додека се работи на проектната документација, претпријатието ќе изврши санација на најоштетените делови од овој патен правец.