Протест на матичните – прегледуваат итни, а пациентите кои брзаат ги препраќаат во ургентни центри

0
19

Матични лекари од примарното здравство денеска примаат само итни случаи, во знак на протест поради условите во кои работат. За протестот добија поддршка од приватни специјалисти и стоматолози кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување. Матичните бараат итно да се определи основен пакет на услуги за пациентите, со кој ќе се знае што точно му следува на пациентот во текот на еден месец, зголемување на капитацијата т.е. на парите кои ги добиваат од Фондот за пациентите што ги водат, како и да нема казни за матичните лекари за административни пропусти додека трае пандемијата.

Лекарите велат дека генерално имаат поддршка од пациентите, иако на социјалните мрежи има и такви кои реагираат на ваквата одлука за протест и сметаат дека во време кога секојдневно има висок број на новозаразени со коронавирус треба да бидат во служба на пациентите.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари вели дека денеска докторите ги отвориле своите ординации и во текот на денот ќе ги примаат само итните случаи.

– Во главно имаме поддршка од пациентите. Оние кои не сакаат да почекаат за упати и препишување терапии и закажување тестирања, ги упатуваме во ургентните центри -додава докторката.

Чолакова – Дервишова најави дека попладне во 14 часот ќе имаат средба со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, на која ќе ги презентираат причините и барањата за протестот.

– Се зависи од исходот после состанокот и од тоа колку ќе бидат сериозни предлозите. Така, ќе постапуваме и во иднина. Ќе видиме дали ќе има потреба да се разгледуваат опции да се продолжи овој протест. Се бориме за подобро здраваство, да ги задржиме докторите во земјава, како и да има доволно здравствен кадар во малите градови – додава таа.

Д-р Бојан Трајковски, матичен лекар кој работи и во домашна посета, како поддржувач на целата ситуација во примарното здравство вели дека целта е да се изборат за нивните права, особено во периодот на изминативе две години кога се на браникот со пациентите.

– Има пациенти од кои добиваме безрезервна поддршка, особено од оние кои редовно не посетуваат и знаат со што се соочуваме. Има мала група која се бунтува, но тоа е разбирливо – објаснува д-р Трајковски.

Матичните лекари бараат да се подигне цената на капитацискиот бод по пациент, за која беа ветени 95 денари, како и да се измени Законот за здравствена заштита со кои сите пациенти наместо да бидат „врзани“ за факсимилот на лекарот, ќе и припаѓаат на матичната ординација.
Незадоволни се, како што велат и од недостигот на поддршка во примарното здравство во текот на целата пандемија.