Родителите од Тетово – Ги праќаме децата на училиште не знаеме дали ќе се вратат живи и здрави

0
18

Група родители на ученици од ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово од денеска праќаат барања до институциите за да укажат дека нивните деца не се безбедни кога одат кон училиштето и кога си заминуваат од него.  Тие алармираат дека улицата „Иво Лола Рибар“ е небезбедена поради сообраќајот, но и поради комуналниот неред.  Има чести инциденти, а на овој потег се одлучиле откако во средата шестгодишно девојче е удрено од возило.

-Сакаме да уккажаме на Општината, МВР,  комуналното претријатие, Министерството за образование, инспекторати и други дека се случија многу немили настани за безбедноста на нашите деца. Се работи за сообрќајниот хаос бидејќи нашиве деца нема кај да поминат, нема тротоар. Гужва има од сообраќај, од коли, и се случи немил настан кога е удрено едно девојче. Контејнери има пред самото училиште каде што има ѓубре и се собираат кучиња скитници. Децата честопати се каснати од кучињата и не можат да влезат во самото улилиште, изјави Дарко Петровски, член на родителската група.

Тие денеска имаа состанок и со директорката на која и беше укажано за проблемите.

-И таа самата поднела многу барања до сите институции и не е и одговорено ниту се преземени мерки. Ние како група на родители ќе поднесеме барање до сите институции, да се преземат мерки, да се отстранат контејнерите, да се затвори улицата или да се пренамени во еднонасочна и во гужвата од 12 часот, во периодот кога излегуваат и влегуваат децата, да биде затворена за сообраќај. Да се забрани строго за тешки товарни возила ки исто така поминуваат тука, изјави Петровски.

Ѓорѓи Симовски рече дека стравуваат секој ден за безбедноста на нивните деца кога одат или се враќаат од училиштето.

Да не го згази возило, да не го искаса куче, хаос е. Не знам зошто не може да се реши со двајца полицајци, МВР да ги постави тука, да се надмине овој хаос. Тука подолу има и музичко училиште и исто така не можат да поминат. Газиме преку смет, се пазиш од коли.  Најголема болна точка е со возилата, изјави овој родител. 

Општина Тетово информираше дека можноста за измени во сообраќајниот режим, односно воведување  еднонасочно движење на возилата на улицата „Иво Лола Рибар” пред ОУ „Гоце Делчев”, треба најпрво да се анализира и пред да се спроведе треба да се добие согласност од СВР Тетово.

Вакво барање веќе има стигнато до Општината. Тоа ќе се разгледа и доколку се покаже дека е потребно и оправдано, ќе се реализира. Во однос на контејнерите кои се пред влезот на училиштето, локациите за нивното поставување се одредуваат од Секторот за урбанизам во Општина Тетово. Бидејќи граѓаните одбиваат да се преземе отпадот куќа по куќа исме принудени да поставиме контејнери на оваа локација, соопштија од Општина Тетово.

Од СВР Тетово соопштија дека полицијата секојдневно патролно ги покрива и сообраќајните приоди кон основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово, како и просторот околку училишниот објект.

Полициското присуство наредните денови дополнително ќе се засили, со цел да се пресретнат или санкционираат евентуални проблеми од безбедносна природа.  Што се однесува до евентуални измени на сообраќајниот режим пред училиштето,  тие се во директна надлежност на тетовската локална самоуправа, но по претходно добиена согласност за нив од СВР Тетово. Доколку измените се предложат и усвојат од локалната самоуправа, потоа адекватно ќе треба да се операционализираат со поставување соодветни сообраќајни знаци, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

 Според согледувањата на СВР Тетово, најголем проблем на кој реагираат граѓаните е несоодветната инфраструктура во тој дел од Тетово. Таа не е димензионирана и не одговара на  сегашната фреквренција на возила и луѓе.

МИА