СВР Тетово: 332 лица немале возачка дозвола, се казнуваат и оние кои им дале возило

0
93

Во првите два месеци од оваа година, заклучно со денеска, на подрачјето на СВР Тетово сообраќајната полиција открила 332 лица кои управувале моторни возила без положен возачки испит и без возачка дозвола, изјави портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифовски кој нагласува дека најчесто возилата им се дадени на управување од родители или од роднини и дека и за нив следуваат казни..

Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски вели дека претежно станува збор за возачи на возраст од 17 до 40 години, кои без возачка дозвола управувале сопствени или возила на други лица, најчесто од нивни најблиски или од роднини.

„Сите веднаш биле исклучени од сообраќај и изготвени им се поднесоци, така што ќе се соочат со предвидените парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изнесуваат 250 евра во денарска противвредност, а парични глоби во тој износ ги очекуваат и сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека немаат положено возачки испит“, вели Јосифовски.

Секторот за внатрешни работи Тетово упатува апел, особено до младите, да не седнуваат зад волан без положен испит и на тој начин да ја доведуваат во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

„Нивната необученост и неискуство можат да бидат причина за несакани сообраќајни проблеми, неретко и со најсериозни последици“, информира  Јосифоски.